• вторник, 24 декември 2024

Екипи на ДПИ на терен, мониторинг на цените на производите опфатени со акцијата „Новогодишна кошница“

Екипи на ДПИ на терен, мониторинг на цените на производите опфатени со акцијата „Новогодишна кошница“

Скопје, 11 декември 2024 (МИА) - Екипи на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) се на терен и вршат мониторинг на цените на производите од акцијата „Новогодишна кошница“. Мониторингот на цените се врши во согласност со Законот за заштита на потрошувачите и Законот за трговија, односно се гледаат сегашните цени на производите кои ги содржи листата од „Новогодишната кошница“ заедно со најниските цени на истоимените производи кои биле применувани во последните 30 дена.

Како што информира ДПИ, целта на мониторингот е да се утврди дали по почетокот на акцијата „Новогодишна кошница“, трговците ќе се придржуваат до дадената иницијатива од нивна страна за акциско намалување на цените од 10 отсто или повеќе на прехранбени производи кои најмногу се продаваат во текот на новогодишните празници.

Листата на прехранбените производи кои се дел од „Новогодишната кошница“ граѓаните може да ја најдат на веб-страната www.mojakosnica.mk. Станува збор за над 700 производи, понудени од вкупно над 100 компании и производители и дистрибутери. Производите на листата кои ќе бидат понудени на полиците во трговските ланци ќе бидат обележани со налепница и лого „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како дел од кампањата на Владата која ќе придонесе за значително зголемување на животниот стандард на граѓаните и намалување на трошоците за живот.

Акцијата „Новогодишна кошница“ ќе се спроведува од 15 декември заклучно со 15 јануари 2025 година. Во овој период, како што најавуваат, Пазарниот инспекторат ќе биде со засилени контроли на терен и ќе постапува во согласност со своите надлежности.

-Дополнително, граѓаните може да пријават неправилности на бесплатниот телефонски број 191 или на нашата веб страна www.dpi.gov.mk, се вели во соопштението од ДПИ. мд/ац/

фото: МИА архива 

Остани поврзан