• сабота, 23 ноември 2024

ЕЕА: ЕУ и натаму е зависна од големи количини пестициди

ЕЕА: ЕУ и натаму е зависна од големи количини пестициди

Брисел, 26 април 2023 (МИА) - Европската Унија и нејзините земји-членки ќе треба да направат многу повеќе ако сакаат да ја исполнат својата цел за преполовување на употребата на хемиски пестициди до 2030 година, предупреди денеска Европската агенција за животна средина (ЕЕА).

Во анализата за тоа како пестицидите влијаат врз човековото здравје и екосистемите во Европа, агенцијата истакнува дека земјоделското производство во ЕУ сè уште „зависи од големи количини хемиски пестициди за да се зачуваат приносите на земјоделските култури“.

Наместо да падне, продажбата на пестициди во ЕУ од 2011 до 2020 година беше „релативно стабилна“ на околу 350.000 тони годишно.

Најголеми количини од најактивните пестициди се продаваат во Германија и Франција, Шпанија и Италија, четирите најголеми земјоделски производители во ЕУ.

Во средината на 2022 година, Европската комисија претстави законски предлог кој, меѓу другото, предвидува намалување на ризикот од хемиски пестициди за 50 отсто до крајот на деценијата. Таа се соочи со силно противење од критичарите кои се загрижени за последиците што би ги имало врз земјоделските индустрии и сигурноста во обезбедување храна во Европа.

Широката употреба на пестициди е главна причина за загадување на водата, почвата и воздухот, губење на биолошката разновидност и отпорност на штетници, според ЕЕА. Изложеноста на пестициди е поврзана со хронични болести кај луѓето како што е ракот, но и кардиолошки, респираторни и невролошки болести.

„Во 2020 година, еден или повеќе пестициди беа детектирани над загрижувачкиот праг од 22 отсто на сите набљудувани локации во реките и езерата низ Европа“, се вели во извештајот.

Студијата спроведена во пет европски земји од 2014 до 2021 година покажа дека најмалку два пестициди биле откриени во 84 проценти од примероците на урина, што експертот од ЕЕА Дарио Писели го смета за загрижувачки. Децата имале повисоки нивоа на пестициди од возрасните и биле особено склони кон здравствени проблеми поврзани со тоа. ссм/

фото: МИА архива

Остани поврзан