• четврток, 19 декември 2024

Едно лице приведено во случајот со опожарувањето на возилото на прилепскиот пратеник Петар Ристески

Едно лице приведено во случајот со опожарувањето на возилото на прилепскиот пратеник Петар Ристески
Прилеп, 20 јули 2022 (МИА) - Прилепската полиција привела едно лице, осомничено во врска со опожарувањето на возилото на прилепскиот пратеник Петар Ристески. Други детали полицијата не соопштува, освен дека работи на расветлување на случајот. Возилото на пратеникот Ристески е целосно изгорено, делумно и она на неговиот татко во пожарот околу 1:45 часот изутрината. Противпожарната единица навреме го изгаснала огнот за да не се прошири на семејната куќа на Ристески. Полицијата и прилепското основно јавно обвинителство направиле увид. Нема повредени, земени се траги за вештачење, а јавен обвинител побара обезбедување евентуални видео снимки од надзор на околните објекти. Ристески смета дека го заплашуваат и бара веднаш да се реши случајот. - Бевме дома сите, соседите свикаа, а се слушна и експлозија. Кога излегов возилото гореше. Го зафати и возилото на мојот татко, а и дрвото до куќата. Ова го сметам како атак на мене и на моето семејство и барам МВР и институциите веднаш да го расветлат случајот и да ги најдат сторителите, изјави Ристески за случајот. Денеска стигна и реакција од градските власти. Прилепскиот градоначалник Борче Ристески бара промена на командирот на прилепската полиција и да се подобри безбедносната ситуација во градот. - Ова не е прв случај на опожарено возило. Неодамна беше запалено и на директорот на комуналното претпријатие. Безбедносната ситуација не е добра и барам итна реакција на МВР, а и веднаш да се пронајдат сторителите. Воедно, овој грозоморен чин го сметам и како директен атак врз политиките на локалната власт, чие мнозинство советници во Советот на Општина Прилеп се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Барам сериозна одговорност од сите релевантни фактори и ќе упатам протестна нота и до меѓународнот фактор, амбасади и европски претставништва во Македонија, поради неможност МВР да ја одржува безбедноста на граѓаните на Прилеп, изјави денеска Јовчески. ем/мс/

Остани поврзан