• четврток, 26 декември 2024

Една година од работата на КСП „Подиум-Јадро“ – Кавадарци

Една година од работата на КСП „Подиум-Јадро“ – Кавадарци
Скопје, 12 јуни 2021 (МИА) - Во соработка помеѓу Општина Кавадарци и Јадро - Асоцијација на независната културна сцена, во текот на 2020 година почна да работи Културно-социјалниот простор „ПодиумЈадро“ Кавадарци – хибридна установа втемелена врз моделот на јавно-цивилно партнерство. КСП „Подиум-Јадро“ Кавадарци претставува нов модел на симбиоза меѓу локалната власт и граѓанската мрежа со цел да се овозможи демократизација на културата и обезмоќување на политичките практики. Главната функција на КСП „Подиум-Јадро“ е овозможување постојан простор кој ќе биде приспособуван за користење од страна на локалните уметници, професионалци од областа на културата, аматери, и од страна на самата локална заедницата, со постојана поддршка во продукцијата, промоцијата и афирмацијата на современите независни културни и уметнички практики. КСП „Подиум-Јадро“ ќе опфати и активности поврзани со едукација во полето на уметностите, низ лесно пристапен модел, обезбеден преку директен личен пристап и средина за креативност, со цел да се стимулира култура како постојан процес на будни, динамични, хетерогени идеи, идентитети и формати на уметничко изразување. Покрај тоа, целта на КСП „Подиум-Јадро“, стои во денешното соопштение од „Подиум-Јадро“, е да укаже и на нужноста од критичко промислување на општествените и системски услови за продукција и видливост на нови современи културни содржини, но и афирмација на постоечки и тековни практики од локални, досега неафирмирани автори. - Институцијата конструктивно ќе укажува на недостатоците и можните решенија за подобрување на ретроградните читања на културата и уметноста и ќе се бори за отворен и инклузивен простор на дејствување. КСП “ПодиумЈадро“ претставува и можност за отварање нови хоризонти во читањето и продуцирањето на културата, стои во соопштението. Како што соопштија денеска од КСП „Подиум-Јадро“, својот прв настан го реализирале на 14.6.2020 г. во градскиот парк „Љупчо Шкартов“ во Кавадарци со театарска претстава на отворено од актерот Денис Абдула „Нови мерки, старо другарство“. КСП „Подиум-Јадро“ е јавен, инклузивен и непрофитен центар што ја претставува и поддржува независната културна сцена во и околу Тиквешкиот регион. КСП „Подиум-Јадро“ се одликува со организирана динамичност и флексибилност, а пред сè, со директен ангажман и дејствување во заедницата, како и со поширокото гледање и сфаќање на просторот и поимот култура. - Карактеристично е едновремено дејствување во најразлични сфери на културата и културните политики и взаемно креативно поврзување, при што е исклучително присутна и доминантната карактеристика за поширока општествена свесност. Ориентирано кон градење нови, современи политики во различните сегменти на културата, уметноста и општеството, како на теориско така и на активистичко рамниште, наведуваат во соопштението. Во февруари 2021, за директорка на институцијата е избрана Симона Манчева, визуелна уметница, магистерка на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, со долгогодишно профсионално искуство во невладиниот и граѓанскиот сектор. Управниот одбор на КСП „Подиум-Јадро“ го сочинуваат Стефан Видиков, Елена Данова и Дарко Алексовски – индивидуалци со професионално искуство во граѓански, активистички и уметнички проекти. Во развој и реализација на програмата и активностите на КСП „Подиум-Јадро“ се вклучени голем број поединци и организации и целокупното делување на институцијата е резултат на интеракција меѓу повеќе заинтересирани страни, перспективи и креативни конфликти. Во периодот од јуни 2020 година досега организирани се повеќе настани, самостојни и групни изложби, промоција на локални музичари, реализација на мурал, театарска претстава, јавни дискусии од областа на културата и уметноста, работилници за слем-поезија, и во тек е конкурсот за креативни разгледници. Програмските активности на КСП „ПодиумЈадро“ досега се финансиски поддржани од Министерство за култура на Северна Македонија, Јадро - Асоцијација на независната културна сцена, Гете-Институт Скопје и Општина Кавадарци. цр/сп/

Остани поврзан