• четврток, 26 декември 2024

Една година од ланските пожари, надлежните тврдат поуката извлечена, а огнот „под контрола“

Една година од ланските пожари, надлежните тврдат поуката извлечена, а огнот „под контрола“
Скопје, 2 август 2022 (МИА) – Во сите култури и кај сите народи постои култ кон шумата, кој будел восхит и страв и поттикнувал мисла дека шумата има необјаснива моќ и сила. Минатата година на 2 август избувнаа повеќе пожари што, според народното верување, веќе „сме ја предизвикале моќта на шумата“. Ланските пожари најмногу го зафатија Пијанечко-малешевскиот регион каде, покрај шумите, жителите од крајниот исток на државава беа погодени по личните материјални добра, изгореа куќи, крупен и ситен добиток, пчелини семејства. Годинава повторно шумски пожари, повторно опасност од ширење на огновите кон домовите, повторно ангажирање дополнителни човечки ресурси, надлетување и гаснење со хеликоптери и авиони, трошоци, но надлежните тврдат - ја извекле поуката, а „огнот е под контрола“. Како една од причините за ширењето на пожарите се наведуваат климатските промени, други мислат дека тоа е последица од негрижа, скари, догорчиња, трети, пак, велат дека пожарите се предизвикани од економски причини за поевтино опожарено дрво за преработка за пелети, чија откупна цена е само 790 денари по кубик, што е многу поволно. Од ЈП „Национални шуми“ го демантираат тоа тврдење, но реално цената е таа, а информираат дека од ланските пожари, кога изгореа 390 илјади кубни метри дрвја, досега се откупени 150.000 од 150 правни субјекти и има уште толку за продажба. Полицијата оваа година презема засилени мерки и активности за превенција и заштита од пожари на шумите, пасиштата и други отворени простори, а поради зголемениот број пожари лани во летниот период беше прогласена кризна состојба во периодот од 1 јуни до 30 септември. - Само во наведениот период лани беа поднесени 16 кривични пријави за пожари на отворено, за сторени 14 кривични дела „предизвикување општа опасност“ и две дела „предизвикување шумски пожар“. Пријавите се против 14 физички лица,од кои две лица - државјани на Р Албанија, едно правно лице и три одговорни лица во правното лице, информираат од МВР за МИА и нагласуваат дека за сите нерасчистени настани во тек се мерки и активности за откривање на сторителите. Преку кампањата „Безбедно лето“, полицијата ја вклучува локалната заедница во спречување и поуспешно справување со пожари, особено на отворен простор и во шуми. На граѓаните им се делат летоци со едукативна содржина со основни безбедносни совети како да се постапи при откривање шумски пожар, а воедно им се укажува да бидат особено внимателни во претстојниот период и да не се пали оган на отворено, стрништа, пасишта и сува вегетација, да не се фрлаат догорчиња и на тој начин заедно да придонесеме за зачувување на шумите, да ги заштитиме животот и здравјето и личниот и имотот на другите. МВР со активностите за заштита од пожари ќе продолжи и во текот на наредниот период. Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов за МИА вели дека од ланските пожари е научена лекцијата и дека, во споредба со државите од Балканот, засега одлично се контролира состојбата и се реагира соодветно, со цел пожарите да не се прошират на голема површина. Вели дека се реагира брзо и професионално, но и дека на прво место е безбедноста на граѓаните. - Се соочивме со неколку тешки пожари во периодот април, мај и јуни и еден добар дел од нив настануваа поради палењето на стрништата од страна на земјоделците или пасиштата од страна на сточарите. Сега состојбата се менува. Вегетацијата е значително исушена, врнежите престанаа. Овие врнежи што ги имаме последните денови се многу слаби, едвај ја натопуваат земјата, со одредени исклучоци. Значи, вегетацијата е сува, температурата е значително покачена, веќе се движи кон 40-от степен, и тоа се клучните фактори коишто овозможуваат брзо палење на пожарите, а топлиот ветер, којшто доста често знае да дува, придонесува пожарите лесно да се шират и притоа да одат во различни правци и да зафаќаат исклучително голема површина. Јас лично сметам дека ја научивме лекцијата од минатата година, но би додал дека ние и лани ја знаевме лекцијата. Проблемот е оваа глобална промена на климата, којашто предизвикува големи пожари не само во Северна Македонија, туку и на Балканот и во цела Европа, истакна Ангелов. Од јули досега, појасни тој, има 75 пожари на отворено, од коишто безмалку сите завршуваа во шума, а повеќе од половина беа сериозни пожари или можеа да прераснат во многу сериозни пожари. Ангелов вели дека многу поорганизирани држави од Северна Македонија, како што се Грција, Турција или Португалија и Шпанија, не можат да излезат на крај со силните пожари. Словенците, коишто минатото лето ни помагаа нам, оваа година бараат странска помош за да изгаснат еден голем пожар. Според него, климатските промени си го прават своето и не може да се зборува само за слабости на државата или на системот за управување со кризи, бидејќи ако споредиме со соседството, ако споредиме со регионот, па и со цела Европа – да, можеби ние и минатите години имавме голем број пожари, имаше голема материјална штета, но ние сме горди на тоа што немавме ниту еден загубен човечки живот. Или, како што додаде, на прво место е безбедноста на граѓаните, на пожарникарите и на членовите на посадата на леталата, дури потоа шумите, затоа што нови дрвја ќе пораснат, но човечките животи нема да се вратат. Неисправна електрична инсталација, намерно палење дрвја заради намалување на цената, но и пироманија - причини за пожарите  Меѓу причините за појава на пожар, каде што најчесто е забележана човечката негрижа, минатото лето е констатирана и појава на пожари од електричните водови и на далноводите и на нисконапонската мрежа. Жиците коишто се лабави на топло време знаат да се растегнат дополнително и при дување на ветер да се допираат, притоа летаат искри, коишто паѓаат во сувата трева и зад нив тревата се пали и пожарот се шири. Една од честите причини, според Ангелов, е човечкиот фактор. Причините, вели тој, често знаат да бидат криминални - намерно палење дрвја за потоа да се купуваат поевтино или, пак, одредени лица ги палат шумите од патолошки мотиви – пиромани, коишто уживаат во огнот, не размислувајќи дека може да убијат некого, но има и пожари од невнимание. - Затоа апелирам до граѓаните да не палат оган на отворено, да не палат скари, па дури и оние плински решоа и плински уреди можат во одреден момент да предизвикаат големи пожари, колку и да се навидум безбедни, со едно мало невнимание може да паднат и да ја запалат непосредната околина, сувата трева или ако се во уште поцрно сценарио во некои зимзелени дрвја каде што има убава сенка да ги запалат сувите иглички коишто паѓаат од зелените дрвја, шишарки итн., коишто потоа многу лесно горат поради смолата и пожарот се шири со огромна брзина, порача Ангелов. Потенцира дека најголем успех е кревањето на јавната свест, пред сè, како што рече, благодарение на медиумите, коишто оваа тема ја држат на високо ниво во текот на целата година, па дури и во зимските месеци. - Благодарение на вас, медиумите, сметам дека граѓанската свест е на едно високо ниво. Забележуваме промена на поведението кај граѓаните. Како што веќе реков, огромното мнозинство граѓани се исклучително внимателни, минорен е бројот на лица коишто се невнимателни или коишто намерно вршат палење од криминални или патолошки мотиви или од невнимание. Но, колку и да е минорен е доволен за да се предизвикаат сериозни пожари. Тука ја гледам нашата најголема заслуга. Но, овде морам да ги пофалам и Министерството за внатрешни работи, како и Дирекцијата за заштита и спасување и „Национални шуми“, па и јавните – националните паркови коишто во текот на целата година високо ја држат оваа тема, си имаат своја кампања, повикувајќи ги граѓаните да бидат исклучително внимателни при движење во природа, вели Ангелов. Потсети дека пред околу еден месец е воведена и делумна забрана, согласно која секој граѓанин може да отиде во планина, но по претходно добиена дозвола од „Национални шуми“, доколку се работи за планина и шуми во нивна надлежност. Освен „Национални шуми“, има и четири национални паркови коишто самостојно ги издаваат ваквите дозволи. - Ние, иако не им браниме на луѓето, сепак имаме увид кој се движи во овие шуми и тоа ни олеснува кога би требало да откриеме евентуален сторител на пожар, нагласи Ангелов. Тој апелира до граѓаните секое сомнително поведение, секое лице што е сомнително – се движи во шума или на некој начин ракува со оган во шума, да го пријават на бесплатниот телефонски број 112, со цел да бидат преземени мерки, бидејќи раната дојава е исклучително важна. Оваа година, покрај двата армиски хеликоптери, авионот на ДЗС, на располагање и еден полициски хеликоптер Постојат различни начини за алармирање дека некаде избувнал пожар. Ангелов вели дека ЦУК релативно брзо дознава и добива пријави. Постојат и сателитски снимања во живо, коишто веднаш дојавуваат доколку има поголем пожар, но и пилотите на патничките авиони исто така имаат обврска да пријавуваат во Контролата на летање доколку забележат пожар. - Но, проблем е ако се наоѓа во планина на тешко пристапно или би рекол понекогаш и целосно непристапно место за пешадија, за пожарникарите. Тогаш единствениот начин се леталата, но хеликоптерите треба да бидат подготвени за да полетаат, можеби во тој момент гаснат на друго место или можеби е времето многу топло. Армискиот хеликоптер има топлотни ограничувања, над 38 степени не е безбедно да лета, такви се неговите техничко-тактички карактеристики. Така што ние понекогаш имаме хеликоптер, но тој не смее да полета, вели Ангелов. Ограничување имаат и авионите, односно авионот на ДЗС, бидејќи не може да полни вода од каде било, потребна му е поголема водна површина. Има само неколку места во државата коишто се погодни за полнење во лет на овие авиони и тоа ја намалува и нивната ефикасност. - Но, токму од овие причини оваа година користиме една нова тактика којашто минатата година ја користеа Австријците и Словенците, веќе имаме базен којшто го полниме блиску до пожарот на некое место каде што има некоја река или има доволно количина вода, од којшто можат да полнат вода, и на тој начин го кратиме времето на лет од местото на пожарот до местото на полнење вода, појасни директорот на ЦУК. Оваа година на располагање се два армиски хеликоптери, еден полициски хеликоптер и еден авион на Дирекцијата за заштита и спасување. Во секој момент се очекува да дојде и вториот авион на ДЗС, но доцнењето, како што појаснува Ангелов, е поради немањето пилот од страна на компанијата којашто го врши сервисот. - Авионот е во нејзина надлежност до слетувањето во Скопје. Поради случувањата низ Европа, тие немаат доволен број хеликоптери и не ја исполнуваат својата обврска којашто ја имаат со договорот и тоа е причината поради којашто сè уште го немаме вториот авион, вели Ангелов. Опожарените дрвја на продажба по поволна цена Директорот на ЈП „Национални шуми“, Валентин Груевски, за МИА вели дека претпријатието секојдневно ја следи состојбата, соодветно реагира на терен и дека успешно ја спроведува обврска за пошумување на опожарените делови. Една година по најголемите пожари во поновата македонска историја, опожарена е дрвна маса со вкупна количина од 390.000 кубни метри на илјадници хектари и дрвна маса која е проценета дека е со директната штета која е предизвикана на „Национални шуми“ од околу седум милиони евра. - Една година по тоа, „Национални шуми“ активно работат на расчистување на теренот, бидејќи законска обврска е во рок од две години тој терен да се исчисти, па потоа да се преземаат други мерки од типот на пошумување за да можеме некогаш, во некоја иднина, да го добиеме истиот шумски фонд. Во овој дел, во оваа година, значи ние имаме склучено негде околу 150 договори со правни лица за износ од околу 150.000 кубни метри и на тие површини активно се работи на отстранувањето на опожарената дрвна маса. И мислам дека во текот на оваа година и во текот на наредната година, ние тој дел како „Национални шуми“ ќе го исчистиме и ќе си ја завршиме законската обврска. Заинтересирани се правни субјекти од земјава, кои најчесто го користат ова дрво за палети и производство на палети, истакна Груевски. Појасни дека се работи за дрво кое е во Малешевијата, црн и бел бор, кое не се користи за огрев и дека  цената која изнесува 790 денари од кубик е ниска поради фактот што компаниите самите го земаат дрвото од шумите, со што не се прави дополнителен финансики трошок за Јавното претпријатие. - Согласно Законот во државата по пожарите во август 2021 година започна процедурата во која прво се изврши проценка на дрвната маса, колку е оштетена. Се добија ознаките од Државниот инспекторат за шумарство. И ние спроведовме една транспарентна постапка на која објавиме јавен повик за сите што се заинтересирани да ја откупат таа опожарена дрвна маса да се јават на јавниот повик. Се јавија сите заинтересирани правни лица и покажаа интерес во двегодишниот период во кој сме законски обврзани да ги отстраниме дрвата, да отстранат дрвна маса во вкупна количина од 300.000 кубни метри. Сите заинтересирани правни субјекти добија делови во кои можат да отстрануваат дрвна маса и сè уште стои отворено за секој што е заинтересиран, бидејќи имаме делови кои сè уште не се дадени, да дојде и да склучи договори со нас, за да ја отстрани опожарената дрвна маса. Со ова сакам да кажам или можеби да ги разбијам шпекулациите дека намерно се пали дрвната маса за да може некој да ја купи, нагласи Груевски. „Национални шуми“ имаат обврска да ги пошумат опожарените предели, но откако ќе се исчисти теренот. Според „Национални шуми“, оваа година планот е да се пошумат околу 600 - 700 хектари површина и на секој хектар да се посадат околу 2,5 илјади садници. Од претпријатието информираат дека се задоволни и од интересот на компаниите да учествуваат во пошумување и порачуваат секој кој е за заинтересиран „Национални шуми“ може да му излезе во пресрет и да му достави садници. Намален интерес за вработување во шумочуварската служба „Национални шуми“ се соочуваат со недостиг на шумочуварска служба, а, како што вели Груевски за МИА, нема голем интерес за оваа работна позиција. Јавното претпријатие е задолжено да даде прв одговор на пожарите и да стигне прво на местото на пожарот, шумочуварска служба е нонстоп на терен, а на територијата на државата има околу 300 шумочувари. - Тоа не е доволна бројка, и тоа е бројка која во последните години се намалува со оглед на тоа што во ЈП има многу, мислам не мал број вработени, туку се намалува бројот на вработени во последните години. Ние имаме околу 400 вработени помалку, меѓу кои се и доста шумочувари кои заминале во пензија. Ние имаме обврска први да реагираме на огнот, да известиме и во моментот како „Национални шуми“ имаме 19 возила кои можат да се користат за гаснење пожар. Тие возила се во исправна состојба и имаме цистерна која е во подружницата во Кавадарци. Тоа се исправни возила кои можат да се користат при гаснењето на пожарот. Меѓутоа треба да се знае и граѓаните да знаат дека „Национални шуми“ не е претпријатие кое гасне пожари, единствено треба да реагира брзо и секогаш, секогаш да се наоѓа на местото на настанот, нагласува Груевски. Додава дека освен со возила, опремени се и со рачни пумпи, а моментално им завршува тендерот за набавка на уште сто рачни прскалки. Појаснува дека тоа се прскалки кои собираат околу 25 литри вода. Од „Национални шуми“ сметаат дека причина за пожарите во шума во најголемиот дел е човечката негрижа и дека токму поради фактот што во овој период на годината е палањето на стрништата и движењето низ шумата, несоодветното однесување. - Мислам дека во овој момент нема размислување за целосна забрана за движење во шумите. Меѓутоа, ако процениме и нашите служби проценат дека треба да се прави, ние ќе доставиме предлог до Министерството за земјоделство, а министерот е тој што го одобрува нашиот предлог или не го усвојува нашиот предлог, вели Груевски. Една година од ланските пожари - YouTube Борис Куноски фото: МИА архива видео: Срѓан Крстиќ  

Остани поврзан