• среда, 27 ноември 2024

Единствено во тетовска Волковија можност за алтернативен медицински третман апи-терапија

Единствено во тетовска Волковија можност за алтернативен медицински третман апи-терапија

Тетово, 28 мај 2023 (МИА) - Пчеларството и произведувањето мед е хоби веќе десетина години на 32 - годишниот Сашо Илијевски од тетовска Волковија, кој следејќи ги светските трендови од неодамна започна и нов правец на дејствување во оваа област. Тоа е терапија со воздух од пчелите со кој во специјална апи-комора може да се третираат луѓето со болести на дишните патишта. Методот е едноставен и познат, се прави инхалација, но наместо лекови се користат аеросолите кои ги создаваат пчелите.

Апи комората на Илијевски претставува мала колиба каде се спроведува оваа алтернативна медицинска постапка која подразбира употреба на медот и другите пчелни производи за превенција но и третман на белодробните болести. Има систем во кој пчелите од пчелните семејства се префрлаат во кошница ставена во апи-комората и ослободуваат аеросоли.

-Во апи комората се прави инхалација така што терапијата подразбира дека човекот треба да вдишува аеросоли, кои претставуваат дел од корисните елементи што ги создаваат пчелите како што се медот, восокот, матичниот млеч, поленот, прополисот, нектарот, етеричните масла, флавоноидите, и други лековити материи. Ние пред апи-комората имаме направено отвор каде што влегуваат пчелите од кошниците. Во кошницата што се наоѓа во апи-комората со нивното движење се испуштаат аеросоли. Луѓето тоа го вдишуваат преку инхалаторна маска која се поставува на лицето, објаснува Илијевски.

Според неговото искуство, вдишувањето на аеросолите и аромите од пчелите, на луѓето може да им помогне да си ја подобрат состојбата на органите за дишење, а помага и за подобра психофизичка состојба.

-Се смета дека овој вид алтернативна терапија може да им помогне на луѓето кои се соочуваат со хронични болести и инфекции на белите дробови и дишните патишта, бронхитис, астма, алергии, проблем со синуси, но и на тие кои имаат проблеми со имунитет, мигрена, хронична главоболка, кардиоваскуларни заболувања, стрес, депресија и друго, вели Илијевски.

Десет секојдневни терапии кои би траеле од 20 до 30 минути е рецептот за ефективна терапија, посочува нашиот соговорник.

-Иако е природен процес, се зависи од поединецот. Апи-инхалацијата може да се повторува во зависност од потребата, а како што имам добиено сознанија за оваа работа, медот и прополисот, многу помагаат за општото физичко здравје и за благосостојбата на целиот организам, подобро дишење, но и за оние кои само сакаат да го релаксираат телото, пример работници кои извршуваат тешка физичка работа, или оние кои сакаат да му дадат одреден степен на внимание на своето здравје, вели Илијевски.

Апи-терапија потекнува од зборот апи – што на латински значи пчела, а првенствено се однесува на пчелата Апис Мелифера. Илијевски одгледува околу дваесетина пчелни семејства.

Според податоците на Агенцијата за храна и ветеринарство, согласно пописот во април годинава на подрачјето на шесте тетовски општини пчеларите имаат пријавено вкупно 21 226 презимени пчелни семејства. По општини, Тетово има 6 284, Брвеница 2 683, Теарце 4 415, Желино 1 858, Јегуновце 2 873 и Боговиње 3 143.

Во тетовскиот регион најмногу како монофлорен мед од еден цвет, најприсутни се медот од багрем, костен и чајлија, а повеќефлорен од низински ливади и планински ливади.

Александар Самарџиев

ФОТО: МИА

Остани поврзан