• недела, 24 ноември 2024

Единствена Русија на Путин победи на регионалните и општинските избори

Единствена Русија на Путин победи на регионалните и општинските избори

Москва, 11 септември 2023 (МИА) - Во Русија се одржаа регионални и општински избори, вклучително и избори во четири украински региони кои Москва ги прогласи за своја територија, а резултатите покажуваат силна поддршка за рускиот претседател Владимир Путин и неговата партија Единствена Русија.

Меѓу реизбраните е и градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин, близок соработник на Путин, кој освои повеќе од 75 отсто од гласовите, објавија британските медиуми.

Партијата Единствена Русија победи на изборите во четирите украински региони кои Русија ги анектира минатата година по референдумот, Доњецката и Луганската народна република (ДНР и ЛНР) и регионите Херсон и Запорожје, покажуваат податоците на локалните изборни комисии, пренесуваат руските медиуми.

-Врз основа на 100 отсто преброени гласови во областа Херсон, Единствена Русија победи со голема разлика на изборите за собранието на тој регион, изјави претседателката на регионалната изборна комисија Марина Захарова.

Врз основа на тоа, Единствена Русија освои 28 мандати, Комунистичката партија на Руската Федерација четири,  Либерално-демократската партија на Русија (ЛДПР) три, а еден мандат и припадна на партијата Праведна Русија - Патриоти - За вистината.

Централната изборна комисија објави дека Единствена Русија освоила 74,63 отсто од гласовите во ЛНР откако обработила 100 отсто од гласачките ливчиња.

Според зборовите на заменик-претседателката на Изборната комисија Маријана Сумска, Единствена Русија добила 39 од 50 пратенички места во Народниот совет на ЛНР.

Сумска рече дека регионалниот огранок на политичката партија ЛДПР во Луганск освоил пет мандати, партијата Праведна Русија - Патриоти - за вистината освоила два мандата, а Комунистичката партија на Руската Федерација освоила четири мандати.

Во областа Запорожје, Единствена Русија доби 83,01 отсто од гласовите врз основа на резултатите од обработката на 100 отсто од гласачките ливчиња, објави регионалната изборна комисија.

Според изборната комисија на ДНР, Единствена Русија на изборите освоила 75,69 отсто од гласовите.

За прв пат, според руското законодавство, избори се одржаа во Доњецката и Луганската народна република, Херсон и Запорожје.

Замениците на народните совети беа избрани во ДНР и ЛНР, регионалната Дума во регионот Херсон и законодавното собрание во регионот Запорожје. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан