• четврток, 26 декември 2024

Единаесет уметници од земјава годинава ќе бидат македонски претставници на Националниот павилјон на Прашко квадриенале

Единаесет уметници од земјава годинава ќе бидат македонски претставници на Националниот павилјон на Прашко квадриенале

Скопје, 6 јули 2023 (МИА) - Добитниците на главната награда „Златна трига“ на претходното издание на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор, Филип Јовановски и Ивана Васева, годинава се кураторски тим на изложбата „Градот како сцена“ на Националниот павилјон на Република Северна Македонија на квадриеналето, кое ќе се одржува од 8 до18 јуни оваа година во Прага, Чешка.

Преку делата на уметниците Алембик (Виктор Танасковски и Ива Дамјановски), Бесфорт Идризи, Викторија Илиоска и Анастасија Пандиловска, курирани во заедничката изложба „Градот како сцена“ овој проект го користи градот како текст за препрочитување на историските настани преку евоцирање на (тектонските) поместувања, судири и (само)експлоатации во контраст на локалните официјални и неофицијални приказни. Во Студентскиот павилјон пак, куриран од Кристина Леловац и Филип Јовановски учествуваат Мартина Пенева, Димитар Милев, Тамара Џерков, Дениз Ајдаревиќ, Александар Јовановски и Мартина Петреска.

-Претставувањето на нашата држава во Прага собра голем тим на учесници/ки и особено сум среќен и благодарен на довербата која тимот ја вложи изминативе шест месеци во овој активен и комплексен процес. Добивањето на главната награда Златната Трига на минатото издание во 2019 година, беше и се уште е мотив за нас како тим да се обидеме градот како ресурс („капитал") да го распределиме и споделиме со пошироката уметничка заедница и тоа преку национален павилјон и за прв пат студентски павилјон на оваа голема манифестација, изјави Филип Јовановски, еден од кураторите на националниот павилјон.

Изведувачката и кореографка Викторија Илиоска, осврнувајќи се на четиримесечната подготовка на проектот, истакна дека процесот се одвивал според методологијата на Јовановски и Васева „читање згради“.

- „Секој од нас, Анастасија, Бесфорт, Алембик и јас, изработивме лично исчитување на таа методологија и изработивме перформативна инсталација составена од четири дела. Причинува особено задоволство да се работи со група од заедницата и да се стигне до структура која застапува повеќе форми и дисциплини. Во мојот дел фокусот го дадов на есенцијалното, нужното, на ресурсот. На оној што го немаме, но исто така на оној што го имаме, а го експлоатира некој друг, додаде Илиоска.

Кристина Леловац, актерка, изведувачка и вонредна професорка на ФДУ, која ја има и улогата на ко-кураторка на студентската изложба, објасни дека покрај истражување на стручна литература и архиви, се проверуваа изведувачките потенцијали на градот низ мали перформативни интервенции во јавниот простор, преку кои студентите заедно дојдоа до 10-те упатства (прототипи) за ретки доживувања на градот како сцена.

-Определбата прототипите да бидат универзални - едноставни, лесно достапни за секој/а да може да ги „испроба“ во секое време во секој град, како и грижата секое искуство задолжително да не' потсети на заборавените (некои за жал и загубени) вредности на зедничкото живеење и да не' поттикне одново да ги воспоставиме и негуваме, е клучното обележје и најдрагоцена вредност на овој проект на студентите од Архитектонскиот факултет и Факултетот за драмски уметности во Скопје, со кои имавме среќа да го споделиме овој процес на заедничко откривање, учење и создавање, рече Леловац.

Прашкото квадриенале е основано во 1967 и годинава, со цел да да го донесе на едно место најдоброто од перформансот, сценографијата и театарската архитектура, а годинава го има своето петнаесетто издание. Македонскиот национален павилјон и студентскиот павилјон го организира Здружението за уметност и култура „Факултет за работи што не се учат-ФРУ“, во партнерство со Младинскиот културен центар, Меѓународниот театарски фестивал МОТ, Факултетот за драмски уметности и Архитектонскиот факултет од Скопје.

-Јас лично, но и како претставник на Факултетот за драмски уметности Скопје, сум среќен и горд што наши студенти учествуваат и ја претставуваат нашата земја на Прашкото Квадриенале. Притоа ме радува и фактот што нив ги предводи тимот кој на минатата едиција ја освои главната награда, што ми дава дополнителна сигурност дека работата на нашите студенти ќе биде забележана. Затоа и сакам да ја искажам мојата благодарност до ФРУ и Архитектонски факултет за соработката, како и до Ректоратот за поддршката да се оствари ова прво наше учество на студентската програма на Прашкото Квадриенале, изјави Бесфорт Идризи, декан на ФДУ и учесник во изложбата „Градот како сцена“ со кој годинава Северна Македонија ќе се претстави на најголемиот светски настан од овој вид.

Националниот павилјон на ПК2023 се организира со поддршка на Министерството за култура, Факултетот за драмски уметности - универзитетот „Св.Кирил и Методиј“-Скопје и проектот Активен ГРА(Д)/ѓани, финансиран од Европската Унија.бт/aa/

Остани поврзан