Единаесет работници полесно повредени во пожар во неактивна германска нуклеарна централа
- Единаесет работници се повредени во пожар за време на работа на уривање во деактивирана нуклеарна централа во јужна Германија, соопшти денеска локалната полиција.

Минхен, 19 март 2025 (МИА) – Единаесет работници се повредени во пожар за време на работа на уривање во деактивирана нуклеарна централа во јужна Германија, соопшти денеска локалната полиција.
Инцидентот се случил во централата Графенрхајнфелд во покраината Баварија, која беше затворена во 2015 година поради постепеното исфрлање на нуклеарната енергија од страна на Германија.
Полицијата во блискиот Швајнфурт соопшти дека за време на денешниот пожар немало емисија на опасни материи или радиоактивен материјал, а локалното население не е во опасност.
Шатор изгоре по работа со брусење, предизвикувајќи „мал пожар во вентилационите црева на мобилниот систем за филтри за воздух“, соопшти операторот Preussenelektra.
Пожарникарите го изгаснале пламенот за неколку минути, но веќе полесно биле повредени 11 работници. Полицијата соопшти дека петмина од повредените се пренесени во болница.
Сојузниот нуклеарен надзорен орган е информиран, додаде операторот.
Нуклеарната централа Графенрхајнфелд беше пуштена во употреба во 1981 година.
Операциите завршија во 2015 година, откако Германија одлучи постепено да ја укине нуклеарната енергија во 2011 година по катастрофата во Фукушима во Јапонија.
Последните нуклеарни реактори во Германија беа исклучени во 2023 година.
Работата за расклопување на постројката Графенрхајнфелд почна во 2018 година, при што разладните кули беа успешно урнати во август 2024 година. јт/
Фото: ЕПА архива