• вторник, 26 ноември 2024

Единаесет македонски писатели на 15-тото издание на „Македонската книжевна визита“ во Софија

Единаесет македонски писатели на 15-тото издание на „Македонската книжевна визита“  во Софија

Софија, 6 јуни 2024 (МИА) - Со учество на 11 македонски писатели од сите генерации, од денеска до 8 мај во Софија ќе се одржи 15-тото издание на „Македонската книжевна визита“, чија цел е афирмација на македонската литература во соседна Бугарија и продлабочување на македонско-бугарските книжевни и културни врски.

Организатор на оваа традиционална манифестација е Книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Софија, а проектот е помогнат од македонското министерството за култура.

Годинашната „Петнаeсетта македонска книжевна визита“, како што најавија организаторите, ќе започне со книжевниот портрет на современиот македонски поет, прозаист, есеист, преведувач, универзитетски професор, академик Влада Урошевиќ, за чие поетско творештво ќе говори универзитетската професорка Лидија Капушевска Дракулевска. На овој настан ќе бидат презентирани стихови од Урошевиќ на македонски и на бугарски јазик, а поздравна беседа ќе имаат и претставници на Сојузот на бугарските писатели и на Друштвото на писателите на Македонија.

Втората клучна содржина на „Петнаесеттата македонска книжевна визита во Софија“ е бугарско-македонскиот поетски митинг на кој оваа година ќе учествуваат Влада Урошевиќ, Маја Панајотова, Бранко Цветкоски, Димитар Христов, Јулијана Величковска, Николај Шопов, Димитар Башевски, Поли Муканова, Лора Динкова, Душко Крстевски, Иван Христов, Иван Антоновски, Тања Попова, Тихомир Јанчовски, Петар Андасаров, Марија Велинова и Атанас Капралов.

- Во знак на одбележување на 15-годишниот јубилеј на Македонската книжевна визита во Софија, манифестација која придонесе значајно во зближувањето на македонската и бугарската литература, со иницирани и остварени над 100 книги преведени во двете земји и на двата јазика, како и учество на речиси стотина македонски поети, есеисти и
преведувачи на сите досегашни изданија, ќе биде премиерно прикажан и документарниот филм „ВИЗИТА ЗА ТРАЈНО КНИЖЕВНО ПРИЈАТЕЛСТВО“ во продукција на Книгоиздателството Макавеј, се наведува во соопштението.

Традиционално и на оваа Македонска книжевна визита во Софија ќе биде доделена наградата „Македонски книжевен Дедал“ на бугарски автор со непореклив книжевен интегритет, кој значајно придонел за унапредување на соработката меѓу писателите од двете земји. Годинашен постхумен носител на ова признание е неодамна починатиот бугарски писател Алек Попов, кој со своите дела е одамна омилен меѓу читателите
и во Бугарија и во Македонија.

Учесниците на манифестацијата оваа година ќе го посетат спомен-домот на легендарната бугарска поетеса Дора Габе. цр/мд/

Фото: Книгоиздателството „Макавеј“ 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан