Еден од најдобрите ракометари на сите времиња ја завршува кариерата
- Познатиот дански ракометар, Микел Хансен, кој неколку пати беше прогласуван за најдобар играч кој некогаш стапнал на теренот, на крајот од сезоната ќе ја заврши кариерата, пренесува данската ТВ2.
Алборг, 2 април 2024 (МИА) - Познатиот дански ракометар, Микел Хансен, кој неколку пати беше прогласуван за најдобар играч кој некогаш стапнал на теренот, на крајот од сезоната ќе ја заврши кариерата, пренесува данската ТВ2.
Поради гореспоменатата одлука, неговиот сегашен клуб Алборг свика вонредна прес-конференција на која Хансен ќе се осврне на неговата одлука да ја прекине кариерата по долги 15 години.
Хансен веќе наполни 36 години, а според најавата, на конференцијата ќе се разговара за „идната соработка меѓу Алборг и Хансен“.
Данската национална телевизија се обиде да го контактира Хансен за коментар, но тој не сакаше да зборува за ништо пред закажаната конференција во среда во 12:30 часот.
За данската репрезентација одигра дури 266 натпревари, постигна 1.350 голови, а како што стојат работите приказната ќе заврши на Олимписките игри во Париз.
Во својата кариера настапуваше за дански Алборг, француски ПСЖ, Копенхаген, Барселона и ГОГ. Три пати беше прогласуван за најдобар ракометар во светот - во 2011, 2015 и 2018 година.
Освои речиси се што може да се освои во ракометот - ЕП, Светско првенство, Олимписки игри и бројни клупски титули. дс
Фото: Фејсбук