• среда, 18 декември 2024

Египет со нов предлог за ставање крај на војната во Газа

Египет со нов предлог за ставање крај на војната во Газа

Каиро, 24 декември 2023 (МИА) - Египет подготвил предлог за прекин на борбите меѓу Израел и Хамас и ослободување на уште заложници кои ги држи палестинската исламистичка група, јави ДПА, цитирајќи регионална телевизиска мрежа.

Иницијативата, која предвидува три одделни фази, била претставена на разговорите одржани претходно оваа недела во Каиро меѓу египетските власти и тимот на Хамас, според саудискиот канал Ашарк Њуз, кој се повикува на извори запознаени со разговорите.

Првата фаза, наводно, вклучува примирје од најмалку две недели, за време на кое се очекува Хамас да ослободи 40 израелски заложници -- жени, деца, како и болни стари лица, додаваат изворите -- во замена Израел да ослободи од затворите 120 Палестинци од истите групи. Оваа фаза предвидува и прекин на непријателствата за наведениот период и обезбеден пристап до хуманитарна помош до Појасот Газа.

Втората фаза предлага палестински преговори, со посредство на Египет, за ставање крај на внатрепалестинската „поделба“ и воспоставување на палестинска технократска влада која ќе владее со Газа и на Западниот Брег, според нацрт-документот.

Третата и последна фаза, според написот, повикува на целосен прекин на огнот и „сеопфатен“ договор за ослободување на целиот израелски воен персонал што го држи Хамас и другите палестински фракции во замена за палестинските затвореници во Израел. Оваа фаза, исто така, вклучува повлекување на Израел од Појасот Газа, истовремено дозволувајќи им на раселените жители на Газа да се вратат во своите поранешни домови во енклавата.

За предлогот ќе расправа политичкото биро на „Хамас“ во Катар, пренесува телевизијата. Засега нема коментар ниту од Египет, ниту од Хамас, која е прогласена за терористичка група во Израел, ЕУ и САД.

Претходно оваа недела, делегација на Хамас предводена од лидерот Исмаил Ханије го посети Каиро за разговори со египетските власти. Минатиот месец Катар и Египет помогнаа да се постигне привремено примирје меѓу Израел и Хамас, што ја олесни размената на заложници за затвореници, потсетува ДПА.

Египет стана првата арапска држава што потпиша мировен договор со Израел во 1979 година и посредуваше во претходните конфликти меѓу Палестинците и Израел. ссм/

фото: архива

Остани поврзан