Египет доби израелски предлог за прекин на огнот во Газа - Хамас размислува, условите се спорни
- Египет добил израелски предлог за прекин на огнот во Појасот Газа и за почеток на преговори за траен прекин на непријателствата, јави државната телевизија „Ал Кахера Њуз“, повикувајќи се на свои извори.

Каиро, 15 април 2025 (МИА) - Египет добил израелски предлог за прекин на огнот во Појасот Газа и за почеток на преговори за траен прекин на непријателствата, јави државната телевизија „Ал Кахера Њуз“, повикувајќи се на свои извори.
Како посредник во преговорите, Каиро го пренел предлогот до палестинската исламистичка групација Хамас, која соопшти дека го анализира и дека ќе одговори „најскоро можно“.
Високиот функционер на Хамас, Абу Зухри, за Ројтерс изјави дека предлогот не ги задоволува нивните основни барања – целосно запирање на израелската офанзива и повлекување на војската од Газа, пренесува БТА. Предлогот првпат содржи барање за разоружување на Хамас во наредната фаза од преговорите – нешто што организацијата категорично го отфрла.
- Предавањето на оружјето на отпорот е преминување на милион црвени линии и нема да се разгледува, а не па да се прифати, изјави Абу Зухри.
Израел во март ја обнови воената офанзива во Газа, со што заврши примирјето од крајот на јануари.
Последната рунда преговори во Каиро за обновување на договорот и ослободување на израелските заложници заврши без напредок, пренесоа палестински и египетски извори.
Хамас инсистира на целосен прекин на огнот и израелско повлекување, додека Тел Авив одбива да ја прекине офанзивата пред Хамас да биде поразен и да се ослободат сите заложници.
- Подготвени сме да ги предадеме сите преостанати заложници одеднаш, но само доколку се стави крај на војната и Израел се повлече, изјави Абу Зухри. ссм/
фото: архива