• сабота, 23 ноември 2024

Евростат: Жените во ЕУ првото дете го раѓаат се подоцна

Евростат: Жените во ЕУ првото дете го раѓаат се подоцна

Брисел, 28 март 2023 (МИА) - Жените во Европа, во просек, своето прво дете го раѓаат на возраст од 29,7 години, покажуваат најновите податоци на европското Биро за статистика - Евростат, што денеска го објави својот извештај за 2021 година, јави ДПА.

Просечната возраст на мајките кои за првпат родиле од 2013 година континуирано расте, кога изнесувала 28,8 години, соопшти Евростат.

Европското статистичко биро, меѓутоа, наведува дека има варијации од регион до регион.

Жените во Шпанија и Италија првото дете го добиваат на 31,6 години, потоа Луксембург со 31,3 години и Ирска со 31,2 години.

Спротивно на нив, жените во источноевропските држави го добиваат своето прво дете релативно рано, при што жените во Бугарија формираат семејство на просечна возраст од 26,5 години.

Властите наведуваат дека за да се задржи сегашната големина на населението жените ќе треба во просек да имаат по 2,1 дете, без да се земе предвид имиграцијата. Меѓутоа, додава ДПА, жените во сите земји-членки на ЕУ во 2021 година во просек имале по 1,53 дете. сд/

Остани поврзан