• четврток, 26 декември 2024

Евросамит: Падот на инфлацијата нуди услови за закрепнување на економската активност на Еврозоната 

Евросамит: Падот на инфлацијата нуди услови за закрепнување на економската активност на Еврозоната 

Брисел, 22 март 2024 (МИА) - Економската активност во Еврозоната е намалена, но со оглед на тоа што инфлацијата има опаѓачки тренд кој ги поддржува реалните приходи, постојат услови за нејзино постепено закрепнување во следниот период, се оценува во Изјавата од денешниот Евросамит одржан на маргините на средбата на шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ. 

- Остануваме обединети во нашата цврста определба да ја зголемиме отпорноста и конкурентноста на нашите економии. Ја покануваме Еврогрупата внимателно да ги следи економските и фискалните случувања. Континуираната блиска координација на нашите економски политики ќе биде суштинска за доследно и ефективно спроведување на сеопфатната реформа на рамката за економско управување на ЕУ, се нагласува во изјавата. 

Според евролидерите, отворените, функционални и интегрирани европски пазари на капитал се клучни за промоција на единствениот пазар, подобрување на изворите на финансирање за компаниите, вклучително и за малите и средни претпријатија, и за можности за штедење на граѓаните на ЕУ.  

- Тоа е клучно за зајакнување на инвестициите, конкурентноста и иновациите во ЕУ, со што ќе се обезбеди одржлив раст и отворање нови работни места. Решени сме итно да го забрзаме продлабочувањето на нашата Унија на пазарот на капитал, што ќе биде клучно за мобилизирање на значителното финансирање за потребите на зелената и дигиталната транзиција, се посочува во изјавата. 

За остварување на овие цели учесниците на Евросамитот ги повикуваат Европскиот парламент и Советот на ЕУ што побрзо да го усогласат Акцискиот план на Унијата на пазара на капитал, а земји членки и институциите на Унијата да продолжат со работата за брзо спроведување на сите мерки неопходни за идно функционирање на овој пазар. 

- Бараме од Еврогрупата редовно да прави преглед на перформансите и еволуцијата на европските пазари на капитал и да известува за напредокот на идентификуваните мерки. Го поздравуваме тоа што ќе има дополнителни дискусии за стратегијата за интеграција на пазарите на капитал на Специјалниот европски совет во април и ќе му дадеме задача на Корепер активно да ја унапреди работата на релевантните предлози во поглед на тој состанок. Остануваме посветени на ова прашање и редовно ќе го разгледуваме напредокот, се додава во Изјавата. 

Лидерите, исто така, го поздравуваат напредокот што го постигна Бугарија на нејзиниот пат кон прифаќање на еврото и ги охрабруваат континуираните напори за исполнување на сите критериуми за премин на заедничката европска валута. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан