• сабота, 23 ноември 2024

Европски фронт: Немаме намера да станеме дел од владината коалиција

Европски фронт: Немаме намера да станеме дел од владината коалиција

Скопје, 2 октомври 2024 (МИА) – Европскиот фронт нема намера да стане дел од владината коалиција, порача денеска лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети на прес-конференцијата посветена на 100 дена работа на новата Влада. 

На прес-конференцијата насловена „100 дена скандали, потфрлања, омалуважувања“, беше посочено дека немаат намера да станат дел од владината коалиција која, како што рекоа, не ги почитува основните права на Албанците и другите помали заедници. Нагласија дека „Европскиот фронт“ нема да ја дестабилизира земјава, туку ќе организираат протести кои, како што посочија, се демократско право.

- Ние не се заинтересирани да станеме дел од оваа Влада, бидејќи не сме резерна гума. Ние не сме претставници на анархијата и реваншизмот. Ние не делуваме според инстиктот, бидејќи сме изградени по национална идеологија. Анти-албанската кампања не е добра кога ги слушам сите тие изјави „Албанците нека одат во Албанија“, „оваа држава се вика Македонија“... Албанците секогаш ги почитувале меѓуетничките односи, затоа исто треба да постапуваат и нашите сограѓани Македонци. Ние немаме сила да се занимаваме со инаети со други земји, туку на земјата и треба мир и стабилност, борба против корупцијата, рече Ахмети.

Ахмети повика да се спроведе ветинг за сите функционери во последните 30 години, а за ВЛЕН рече дека направиле фатална грешка што влегле во Владата. Најави дека ќе одржуваат прес-конференции секој ден на кои ќе ги откриваат, како што посочи, неуспесите и скандалите на Владата. 

- Не се шегувајте со албанските прашања, не го чепкајте јазикот и знамето, не ги чепкајте раните што се затворени. ВЛЕН направи фатална грешка што влезе во Влада, но не знам што им се случи. Научиле една реченица „ДУИ е виновен“, рече Ахмети.

Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села порача дека „Европскиот фронт“ нема намера да ја дестабилизира земјава.

- Од „Европскиот фронт“ нема да има дестабилизација, туку протести. Протестите не се дестабилизација, туку демократија. Кажете ни до каде ви е планот со угнетувањето на Албанците и другите заедници и ние ќе ви кажеме до каде достигнува отпорот на „Европскиот фронт“.  Нема да станеме дел од оваа влада на срамот, против граѓаните! Влен денес излегува и кажува невистини во јавноста, не е достоен за албанските достигнувања. Апелирам до лидерите на Влен - направете да се чувствуваме горди во нашата земја, а ние воопшто немаме намера да станеме дел од власта. Ние не бараме власт, туку вие дојдете кај нас и да му ги покажеме црвените линии на Мицкоски оти тој нема право да се однесува како што сака со овој народ, рече Села. 

Села нагласи дека овие 100 дена владеење, Влен ги има реализирано сите проекти на ВМРО-ДПМНЕ. Посочи дека измените на Законот за бранителите нема да помине во Собрание.

Скендер Реџепи-Зејд, претседател на Народното движење упати повик до претставниците на Влен и симпатизерите да ја напуштаат, како што рече, моноетничката анти-албанска Влада.

- Да ја напуштат оваа Влада која не спречи на патот кон Европската Унија, која ја деалбанизира секоја институција, која го одзема правното и уставното право за вработување на Албанците, Турците, Бошњаците и сите други кои не се Македонци.  Да ја напуштат оваа Влада и да и се приклучат на „Европскиот фронт“ и заедно да седнеме и да најдеме решенија за прашања кои се битни за нашиот национален интерес, за меѓуетничките односи, за еден подобар образовен, здравствен, економски и социјален развој, рече Зејд.

Претседателот на Европска демократска партија која е дел од „Европскиот фронт“, Аријанит Хоџа оцени дека новата Влада составена од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Влен за 100 дена ги деалбанизирале институциите. 

- Најлошото од се, дозволија единственото Министерство кое требаше да се грижи за спроведувањето на Охридскиот договор да биде оставено во рацете на Стоилковиќ, со путинистичка идеологија и отворени антиалбански изјави. Има илјадници грешки што ги направија во овие 100 дена, но што е уште полошо со нивното вазалство, го зајакнуваат македонскиот национализам, што дозволува деалбанизација на државните институции“, рече Хоџа.

Прес-конференцијата почна со неколкуминутно видео од исечоци од прилози на вести од албански и македонски медиуми од земјава, Албанија и од Косово за работата на новата Влада. фф/бак/

Фото: Европски фронт

Остани поврзан