• четврток, 19 декември 2024

„Европски сојуз за промени“ е името на коалицијата на опозицискиот албански фронт (ДПЛ)

„Европски сојуз за промени“ е името на коалицијата на опозицискиот албански фронт (ДПЛ)

Скопје, 5 ноември 2023 (МИА) - „Европски сојуз за промени“ е името на коалицијата на опозицискиот албански фронт - Демократско движење, Движењето Беса и Алтернатива. Здружената албанска коалиција, како што истакнаа, останува цврсто на своите заложби за брза интеграција на Северна Македонија во Европската Унија

Оваа денеска на прес-конференција го соопшти претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, придружуван од претседателот на Демократско движење Изет Меџити, односно претседателот на Движењето Беса, Биљал Касами.

-Оваа здружена албанска коалиција останува цврсто на своите заложби за брза интеграција на Северна Македонија во Европската Унија. Со ова немаме намера да правиме компромиси, како што сме кажале повеќе пати, само евроинтеграцијата нема алтернативи, изјави лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.

Гаши информира дека врвен приоритет на нивната коалиција останува борбата против корупцијата. Посочи дека го поддржуваат и патот на нашата земја кон евроинтеграциите.

Како што кажа тој, крајно време е да се тргне навредливата формулација „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со албански јазик. 

Лидерот на движењето Беса, Биљал Касами, посочи дека желбата на Албанците за промена е толку голема што ги натера да ги заборават проблемите од минатото.

Лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, нагласи дека сега тие се обединети со цел да се стави крај на лошото владеење кое, како што кажа, Албанците во земјава ги донесе до ѕид создавајќи мозаик на голема болка и максимално избледување на надежите и перспективите.

-Оваа коалиција не претендира да има монопол на желбата за промени. Нам ни е потребен секој човек. Денес сме три партии, очекуваме Европскиот сојуз за промена да окрупнува дополнително. Вратата е отворена за сите слободоумни индивидуи, луѓе со интегритет, невладини организации, но и политичари и партии кои се подготвени со нас да ги споделат идеолошките вредности и програмски приоритети на кои почива оваа коалиција, рече Меџити.

На новинарското прашање кој се очекува да биде предводник на оваа коалиција, Меџити одговори дека нема да има предводник, туку тие заедничка ќе ја водат албанската опозиција.

-Секој е лидер во својата политичка партија, а сојузот го водиме заедно, а имаше и апел дека вратата е широко отворена и за други лидери, за други организации и за секој интелектуалец кој сака да придонесе з промени кај албанскиот кампус, одговори Меџити.

Додека на прашањето како ќе настапуваат на следните парламентарни и претседателски избори и дали ќе одат со свој кандидат или ќе настапат со некоја македонска партија, Меџити рече дека ќе имаат заеднички листи, но ќе имаат свој заеднички албански кандидат.

Во однос на прашањето околу вчерашните тврдења на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека се водат разговори во Собранието околу можните измени кои треба да се направат во Изборниот законик и дали и се и тие вклучени во некакви разговори во Собранието и кој е нивниот став за заедничко настапување во претседателските и парламентарните избори што претстојуваат, Гаши рече дека уште нема никаква формална група во однос на тоа, ако бидат повикани ќе учествуваат, но не се повикани.

-Секако нашиот став за изборите е дека можат да се случат што е можно побрзо, а најдобро би било да бидат веќе споени со претседателските ако веќе порано не успеавме да издејствуваме, изјави Гаши.сх/ев/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан