• среда, 18 декември 2024

Европските сили ветија безбедносни гаранции за Украина пред враќањето на Трамп на власт

Европските сили ветија безбедносни гаранции за Украина пред враќањето на Трамп на власт

Берлин, 12 декември 2024 (МИА) – Германија и другите европски земји ветија дека ќе обезбедат одржливи безбедносни гаранции за Украина доколку има разговори за прекин на огнот откако Доналд Трамп ќе влезе во Белата куќа.

Во таканаречената Берлинска декларација, министрите за надворешни работи на Германија, Франција, Полска, Италија, Шпанија и Велика Британија, како и шефицата на ЕУ за надворешни работи, Каја Калас, го истакнаа продолжувањето на европската поддршка за Киев.

- Ние сме посветени на обезбедување цврсти безбедносни гаранции за Украина, вклучително и сигурна долгорочна воена и финансиска помош, се вели во декларацијата.

Состанокот го организираше германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок. Групата се состана за да разговара за чекорите за зајакнување на Украина пред можното повлекување на воената помош од Трамп за Киев, откако тој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари и ќе ги почне преговорите за примирје со Русија.

- Убедени дека мирот во Украина и безбедноста во Европа се неразделни, ние сме решително обединети со нашите европски и трансатлантски партнери темелно да ги разгледаме и да дејствуваме по европските безбедносни прашања, се наведува во декларацијата.

Пред состанокот, Бербок рече дека присутните на средбата се едногласни.

- На Украина и требаат силни безбедносни гаранции. Гаранциите ќе испратат јасна порака до Киев. Ние се залагаме за безбедноста и иднината на нашиот европски континент, истакна таа.

Калас рече дека треба да се направи повеќе за поддршка на одбраната на Украина од Русија.

- Мораме да направиме повеќе за да ја зајакнеме Украина на бојното поле. Колку се посилни на бојното поле, толку посилни ќе бидат во преговорите. И, се разбира, останува на Украина да каже кога е подготвена да седне на која било преговарачка маса, изјави Калас.

Бербок и Калас не одговорија на прашањата за учество на германски или европски војници во евентуална мировна мисија во Украина. јт/

Фото: Бербок на Х

Остани поврзан