• четврток, 26 декември 2024

Европските партии потпишаа Кодекс на однесување на Евроизборите

Европските партии потпишаа Кодекс на однесување на Евроизборите

Брисел, 9 април 2024 (МИА) – Девет европски политички партии денеска во присуство на потпретседателката на Еврокомисијата за вредности и транспарентност Вера Јоурова го потпишаа Кодексот на однесување на изборите за членови на Европскиот парламент закажани за јуни годинава, јави дописникот на МИА од Брисел. 

- Оваа колективна посветеност на европските политички партии испраќа моќна порака до граѓаните: треба да го зачуваме интегритетот на изборите во Европа, нагласи Јоурова, која беше домаќин на церемонијата на потпишување. 

Според неа, Кодексот ќе придонесе за зголемување на довербата гласачите во целокупниот изборен процес.  

- Изборите треба да претставуваат терен за натпревар на идеи, а не за валкани манипулативни методи. Им честитам на партиите за нивната одлука да направат дополнителни напори во нивната посветеност на фер кампања, порача Јоурова. 

Кодексот го потпишаа либералната Алијанса на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ), центристичката Европската демократска партија (ЕДП), еколошката Европската зелена партија (Зелени), демохристијанската Европската народна партија (ЕПП), групацијата на малцински и регионални партии Европската слободна алијанса (ЕФА), национал-конзервативната алијанса Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), конзервативното Европското христијанско политичко движење (ЕЦПМ), екстремно левичарската Партија на европската левица (ПЕЛ) и социјалдемократската Партија на европските социјалисти (ПЕС).  

Претставници на екстремно десничарската Идентитет и демократија (ИД) не присуствуваа на деношната церемонија, но партијата најави дека ќе го потпише Кодексот.  

Со ставањето на својот потпис на Кодексот, европските политички партии се обврзаа на почитување на етичките и правните практики на изборната кампања во услови на растечката загриженост за интегритетот на изборните процеси ширум Европа под влијание на внатрешни и надворешни закани.  

Со Кодексот потписниците се обврзуваат да го „охрабруваат инклузивниот политички дискурс“ и да се воздржат од „фабрикување, користење или ширење на дискриминаторски изјави и пристрасност против одредени групи врз основа на пол, расно или етничко потекло, религија или уверување, попреченост, возраст или сексуална ориентација“. 

Партиите, исто. така преземаа обврска да се воздржат од објавување политички реклами спонзорирани од непријавени извори. 

Кодексот е изработен од тимот на Јоурова и Меѓународниот институт за демократија и изборна помош (ИДЕА) во консултација со европските политички партии.  

Повеќето од заложби во Кодексот на однесување се инспирирани од Препораката за инклузивни и одржливи изборни процеси во Унијата, која беше усвоена лани во декември во рамките на Пакетот за одбрана на демократијата. сп/

Фото: ЕБС

Остани поврзан