• среда, 25 декември 2024

Европските берзи годинава пораснаа во просек за 12 отсто

Европските берзи годинава пораснаа во просек за 12 отсто

Лондон, 29 декември 2023 (МИА) - На европските берзи денеска, последниот ден од тргувањето за оваа година, индексите благо пораснаа и со тоа ги консолидираа добивките годинава, а тргувањето е мирно бидејќи нема вести кои би имале значително влијание на пазарите.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во 9:30 часот порасна за 0,2 отсто.

Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,04 отсто, на 7.725 поени, додека франкфуртски DAX се зголеми за 0,17 отсто, на 16.730 поени, а париски CAC за 0,30 отсто, на 7.558 поени.

Последниве денови на берзите се тргуваше мирно, откако цените на акциите силно пораснаа од почетокот на годината.

Индексот STOXX 600 порасна за повеќе од 12 проценти оваа година и се движи близу највисокото ниво во последните 23 месеци.

Германскиот DAX во исто време порасна за речиси 20 отсто и покрај независната состојба во економијата.

Францускиот CAC, пак, порасна за повеќе од 16 отсто, а британскиот FTSE за околу 3,6 отсто.

На последниот трговски ден од годинава и на азиските берзи се тргува внимателно. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, околу 9 часот и 30 минути беше речиси непроменет во однос на вчерашниот ден.

Од почетокот на годината забележа раст од околу 5 отсто, па ќе го забележи првиот раст по две години пад.

Утрово на токиската берза индексот Никеи ослабе за 0,2 отсто, а благо паднаа и цените на акциите во Австралија и Хонг Конг. Во Шангај, пак, малку се зголемија, додека во Јужна Кореја денеска берзата не работи.

Најмногу оваа година скокна индексот Никеи, околу 28 отсто и се движи на највисоките нивоа во повеќе од 30 години.

Следуваше тајванската берза со раст од речиси 27 отсто, додека индискиот Нифти индекс порасна за околу 20 отсто.

Од друга страна, цените на акциите најмногу паднаа годинава на берзата во Тајланд, околу 15 отсто. Индексот на Хонг Конг - Ханг Сенг се лизна, од друга страна, за околу 14 отсто, додека индексите во Шангај се на пат кон загуба од околу 11 отсто.

Така, повеќето азиски берзи го следеа растот на Волстрит. Од почетокот на годината Dow Jones порасна за 13,8 отсто, S&P 500 за 24,6 отсто, а Nasdaq индексот за 44,2 отсто.

Тоа е благодарение на постепеното ублажување на инфлацијата и забавувањето на економскиот раст. Ова е причината зошто американската централна банка најверојатно го заврши циклусот на зголемување на каматните стапки, па следната година ќе следи намалување на каматите. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан