• петок, 27 декември 2024

Европските берзи втор ден по ред во пад

Европските берзи втор ден по ред во пад
Луксембург, 4 март 2022 (МИА) - Акциите на европските берзи од утринава бележат пад, втор ден по ред, додека траат руските напади врз градовите низ Украина. Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше намален за 0,8 отсто денеска во 9:30 часот, откако вчера падна за околу 2 отсто. Утринава лондонскиот FTSE индекс се намали за 0,57 отсто на 7.197 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 1,44 отсто на 13.500 поени, а париски CAC 1,60 отсто на 6.276 поени. Цените и на азиските берзи паднаа, па MSCI Азиско-пацифичкиот берзански индекс, без јапонскиот, беше во минус од 1,6 отсто околу 9:30 часот и падна на најниско ниво во последните 16 месеци. На токиската берза индексот Nikkei потона за повеќе од 2 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Шангај, Јужна Кореја и Хонг Конг паднаа меѓу 0,6 и 2,5 отсто. Берзите рано утринава беа под силен притисок по веста дека избувнал пожар во украинската нуклеарна централа Запорожје, најголемата во Европа, по руското гранатирање и дека е измерено покачено ниво на радиоактивност. Пазарите подоцна делумно се смирија бидејќи украинските власти објавија дека испратиле пожарникари во електраната и дека нејзината безбедност сега е загарантирана. Според последните вести, електраната е заземена од руските воени сили. Несигурноста на инвеститорите останува, па тие се повлекуваат од поризични инвестиции и бараат побезбедни засолништа на капитал. Лошо на берзите влијае и вчерашниот пад на Волстрит. Индексот Dow Jones падна за 0,29 отсто, додека S&P 500 се лизна за 0,53 отсто, а Nasdaq индексот за 1,56 отсто. Рускиот напад врз Украина е во втората недела и штетите се големи, и покрај двете рунди преговори за прекин на огнот. Растот на цената на нафтата ја поттикнува инфлацијата. Инвеститорите се загрижени и за брзиот раст на цените на нафтата, кои го достигнаа највисокото ниво во последните седум години, бидејќи со тоа може дополнително да се поттикне инфлацијата во САД, што и без тоа се движи кон највисоко ниво во последните 40 години. Претседателот на американската ФЕД Џером Пауел во средата порача дека ќе се залагаат за зголемување на каматните стапки за 0.25 поени на состанокот во март, што ги охрабри инвеститорите. Сепак, ако инфлацијата продолжи, ФЕД ќе мораат дополнително да ја заострат монетарната политики, што пак би можело да го забави растот на економијата.аа/

Остани поврзан