• недела, 10 ноември 2024

Европскиот фронт ја објави декларацијата потпишана со албанската опозициска коалиција „Вреди“

Европскиот фронт ја објави декларацијата потпишана со албанската опозициска коалиција „Вреди“

Скопје, 11 мај 2024 (МИА) – Европскиот фронт денеска ја објави заедничката политичка декларација, што заедно со лидерите на албанската опозициска коалиција „Вреди“ ја потпишале на 13 јануари годинава, дека ќе соработуваат само со политичките партии согласни за спроведување на уставните измени.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, посочи дека покрај него потписници на декларацијата се Арбен Таравари, Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити.

– Имајќи ја предвид состобата во која се наоѓа државата и должноста што jа имаме кон граѓаните, чувствуваме обврска да изјавиме дека сме целосно решени, сега и во иднина да соработуваме и да владееме заедно само со оние политички партии кои се согласуваат да ги поддржат уставните измени како услов за продолжуванье на процесот на интеграција на земјата во ЕУ, стои во документот што го прочита Ахмети пред присутните.

Без да прецизира, Ахмети вели декларацијата е потпишана по направени консултации, посочувајќи дека Европскиот фронт ќе биде столб за мирот и стабилноста на земјава, бидејќи како што рече, местото на Северна Македонија е во Европската унија.

– На 13 јануари заедно со господинот Таравари го потпишав овој договор. Ние сме многу рационални и сме убедени дека повеќе од било кога треба стабилност, мир, добри односи меѓу заедниците, потребни се нула проблеми со соседите и целосно членство во Европската унија. Емоциите да ги оставиме зад себе, сите да правиме напори да направиме цврсти структури на државата со овие капацитети. Европскиот фронт е подготвен да биде носител на процесите за нашата земја да се зачлени таму каде што и е местото, рече Ахмети.

Во декларацијата меѓудругото се вели дека предложените уставни измени имаат создадени ситуација која бара внимателно разгледување, отворен дијалог и заедничка посветеност за изнаоѓање на трајно и сеопфатно решение.

– Во овој дух на единство и колективна одговорност jа претставуваме оваа заедничка политичка изјава, согледувајќи ја итноста и тежината на предизвиците со кои се соочува Северна Македонија, стои во договорот. ра/цр

Фото: Европски фронт

 

Остани поврзан