• среда, 18 декември 2024

Европскиот суд за човекови права ја прогласи Русија за виновна за прекршувања на човекови права во Грузија

Европскиот суд за човекови права ја прогласи Русија за виновна за прекршувања на човекови права во Грузија

Стразбур, 17 декември 2024 (МИА) - Европскиот суд за човекови права (ЕСПЧ) ја прогласи Русија за виновна за прекршување на правата на раселените лица од Абхазија, сепаратистички регион во Грузија поддржан од Москва. Овие лица биле принудени да ги остават своите имоти, кои подоцна не можеле да си ги вратат.

Подносителите на жалбата – четворица Грузинци и еден Русин – тврдат дека не можеле да се вратат во своите домови, напуштени за време на насилството по прогласувањето независност на Абхазија во 1992 година.

И покрај прекинот на огнот во 1994 година, Судот констатира дека раселените лица „сè уште не можат да се вратат во регионот“, што го смета за „мешање во правото на сопственост“.

ЕСПЧ пресуди дека руската влада, која има ефективна контрола над Абхазија, не ги презела неопходните мерки за заштита на тие права. Судот ѝ наложи на Москва да плати 35.000 евра на секој од четворицата грузиски жалители, а на рускиот подносител му додели 25.000 евра.

Иако Русија повеќе не е членка на Советот на Европа од 2022 година, таа останува одговорна за прекршувања извршени пред овој датум. ссм/

фото: архива

Остани поврзан