• четврток, 26 декември 2024

Европскиот суд за човекови права утврди повреда на правото на слобода на движење

Европскиот суд за човекови права  утврди повреда на правото на слобода на движење

Скопје, 25 октомври 2023 (МИА) - Европскиот суд за човекови права донесе пресуда во случајот „Мемедова и другите против Северна Македонија“ и утврди дека на четири лица, граѓани на С. Македонија, припадници на ромската етничка заедница, им било повредено правото на слобода на движење и забраната за дискриминација од страна на граничните служби, информираа денеска од Македонското здружение на млади правници (МЗМП).

- Овие четири лица беа жртви на незаконската пракса која ја применуваше МВР во период од 2011 до 2016 со која на лицата од ромската етничка заедница, им беше честопати забранет излез од државата, без законска основа и честопати на начин со кои се повредува нивното човеково достоинство, се наведува во соопштението.

Македонското здружение на млади правници, во соработка со тим од адвокати и со Европскиот центар за правата на Ромите обезбедуваше правна помош на овие лица за водење постапки пред домашните судови. За четирите лица, за кои се однесува одлуката од Европскиот суд за човекови права, се посочува, МЗМП обезбеди адвокати и ги покри трошоците за водењето на постапките вклучувајќи го и изготвувањето на жалбите и застапувањето пред Европскиот суд за човекови права.

Од МЗМП сметаат дека со оваа одлука практика на државните органи која погрешно се оправдуваше како заштита на штотуку воспоставениот безвизен режим, како што велат, доби и квалификација од страна на Европскиот суд за човекови права како дискриминаторска и која спротивно на Европската конвенција за човекови права ја ограничуваше слободата на движење на нашите сограѓани од ромската етничка заедница. 

- ЕСЧП утврди дека жалителите, сите од ромска етничка припадност, се соочиле со дискриминација од рацете на граничните полицајци. Пресудата нагласува дека таквата дискриминација е кршење на основните човекови права. Исто така, правото на апликантите на слобода на движење беше непобитно повредено како и сторената дискриминација.Судот утврди дека тие биле издвоени исклучиво поради нивната ромска етничка припадност. Во одлуката беше забележано дека дејствијата на службениците и органите за гранична контрола немаат какво било објективно или разумно оправдување. Дискриминаторските практики беа очигледни, без оглед на индивидуалните околности на апликантите, се наведува во соопштението. цр/са/

Фото:МИА архива

 

Остани поврзан