• среда, 18 декември 2024

Европскиот совет одобри старт на преговорите за членство со БиХ 

Европскиот совет одобри старт на преговорите за членство со БиХ 

Брисел, 21 март 2024 (МИА) - Лидерите на ЕУ вечерва на Самитот на Унијата во Брисел постигнаа договор да одобрат почеток на преговорите за членство со Босна и Херцеговина, дознава МИА од дипломатски извори. 

Одлуката е донесена врз основа на писмениот извештај на Европската комисија во кој се препорачува отпочнување на пристапните преговори со БиХ.   

Пред почетокот на Самитот, повеќето европски лидери изразија поддршка на препорака на Еврокомисијата за старт на преговорите.  

Од друга страна, холандскиот премиер Марк Руте изјави дека Холандија ќе го поддржи предлогот за почеток на преговорите, но дека пред да се усогласи преговарачката рамка земјата мора да ги спроведе сите неопходни услови наведени во Извештајот на ЕК.  

- Босна и Херцеговина постигна напредок за да го поддржиме отворањето на преговорите, но Европската комисија беше многу јасна дека БиХ мора да направи уште многу за да ги почне самите преговори согласно договорена преговарачка рамка, додаде Руте.  

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји минатата недела во интервју за Европската новинска мрежа (ЕНР), чиј дел е и МИА, изјави дека Европската комисија предложила Советот на ЕУ да донесе одлука за отпочнување на пристапните преговори со Босна Херцеговина и изрази надеж дека лидерите на Унијата ќе донесат позитивно решение на денешниот Самит.  - Сметаме дека условите се исполнети. Предлогот се заснова на барањето на Европскиот совет од декември минатата година дека Комисијата треба да оцени дали е постигнато потребното ниво на усогласеност со критериумите за членство. Сметаме дека тоа е постигнато. Тие (БиХ) многу сериозно ја сфатија задачата да испорачаат во владеењето на правото, област која е најважна за нашите земји членки. Развојот на настаните е многу охрабрувачки и се надевам дека ќе продолжат да работат. Тие продолжуваат да туркаат и се надевам дека Европскиот совет ќе одлучи да ги започне пристапните преговори како што го предложивме, изјави Вархеји. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан