Европскиот совет даде „зелено светло“ за буџетот на ЕУ за 2025 година
- Советот на ЕУ денеска го одобри Предлог-буџетот на Европската Унија за 2025 година, кој беше усогласен меѓу претставници на Европскиот парламент и на земјите членки на 16 овој месец.
Брисел, 25 ноември 2024 (МИА) - Советот на ЕУ денеска го одобри Предлог-буџетот на Европската Унија за 2025 година, кој беше усогласен меѓу претставници на Европскиот парламент и на земјите членки на 16 овој месец.
Со договорот, вкупните обврски на Унијата во годишниот буџет се утврдени на над 199,4 милијарди евра, а вкупните исплати на нешто повеќе од 155,2 милијарди евра. Дополнително, 800,5 милиони евра се наменети за реагирање на непредвидливи потреби.
Обврските во буџетот на ЕУ се законски обврзувачки ветувања за трошење пари за активности кои се спроведуваат во текот на неколку финансиски години, додека плаќањата ги покриваат трошоците што произлегуваат од обврските од тековната или претходните финансиски години.
По усогласувањето на буџетот, унгарски државен министер за финансии и главен преговарач на Советот, Петер Банај изјави дека буџетската рамка за следната година ќе и овозможи на Унијата да се фокусира на нејзините приоритетни области, а во исто време обезбедува „внимателен и реален пристап кон трошењето на парите на даночните обврзници“.
- Задржавме и доволно финансиски средства за да одговориме на непредвидени околности, имајќи го предвид актуелниот економски и геополитички контекст, додаде Банај.
Сега преостанува уште Предлогот-буџетот да биде одобрен и од европратениците, што е предвидено да се случи в среда за време на овонеделното пленарно заседание на Европскиот парламент во Стразбур. Доколку европратениците го поддржат буџетот, претседателката на Европарламентот, Роберта Мецола веднаш ќе ја потпише одлуката за негово одобрување. сп/
Фото: МИА Архива