• среда, 25 декември 2024

Европскиот парламент со резолуција бара од ЕУ да и дозволи на Украина да користи западно оружје за гаѓање воени цели во Русија

Европскиот парламент со резолуција бара од ЕУ да и дозволи на Украина да користи западно оружје за гаѓање воени цели во Русија

Стразбур, 19 септември 2024 (МИА) - Европскиот парламент денеска усвои резолуција со која ја повикува Европската унија да ја укине актуелната забрана за Украина да гаѓа легитимни воени цели во Русија со оружје добиено од Запад.

Во резолуцијата се наведува дека Украина мора целосно да се брани и дека без укинување на сегашните ограничувања, нема можност да го оствари правото на самоодбрана и останува изложена на напади врз населението и инфраструктурата.

Во новото свикување на Европскиот парламент за резолуцијата гласаа 425 пратеници, против беа 131, а воздржани 63, соопшти Европскиот парламент.

Пратениците, исто така, го повторија ставот дека сите членки на ЕУ и сојузниците на НАТО треба да се обврзат да издвојуваат не помалку од 0,25 отсто од БДП годишно за воена помош за Украина.

Во документот, исто така, се изразува жалење за намалената билатерална испорака на оружје за Украина од земјите на ЕУ и ги повикува членките на Унијата да го исполнат своето ветување од март 2023 година дека ќе испратат на Украина еден милион парчиња артилериска муниција.

Исто така, се проценува дека треба да се забрза испораката на муниција, оружје и противвоздушни системи, вклучувајќи ги и крстаречките ракети Таурус.

Во резолуцијата, од членките на ЕУ се бара да ја задржат и прошират политиката на санкции против Русија, Белорусија и земјите кои и покрај забраната и снабдуваат на Русија технологии кои можат да се користат за воени цели. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан