• недела, 24 ноември 2024

Европскиот зелен појас ја награди Општина Кочани за зачувување на природата

Европскиот зелен појас ја награди Општина Кочани за зачувување на природата
Кочани, 17 јуни 2021 (МИА) – Општина Кочани доби награда од Европскиот зелен појас (European green belt) за нејзините досегашни активности и работењето за зачувување на природата и на биолошката разновидност. На презентацијата што денеска се одржа во Инфо центарот на Пониква, беше истакнато дека главна цел на Европскиот зелен појас е подоброто усогласување на човековите активности со природната средина и зголемување на можностите за социо-економски развој на локалните заедници. Притоа вклучени се 24 европски земји, поделени во четири региони, во кои се номинира по една општина што најмногу придонела за зачувување на природата. Меѓу земјите од Балканскиот зелен појас, Општина Кочани е наградена за извонредната посветеност во зачувувањето на природата и одржливиот развој, а изборот го направи Одборот на Европскиот зелен појас. - Кочани е општина која е многу богата, како со природа, така и со добри луѓе, а е пример како треба се грижиме за зачувување на природата, за одржлив развој и за прекугранична соработка. Осогово пак, како планина која е дел од Европскиот зелен појас, може да се пофали со извонредни пејзажи и хармонија меѓу природата и луѓето. Оваа иницијатива има улога и во европските интеграции на државата, истакна Габриел Швадерер, претседател на Европскиот зелен појас. Германската амбасадорка Анке Холштајн му ја врачи наградата на градоначалникот Николчо Илијев, при што тој се осврна на активностите спроведени од локалната самоуправа, меѓу другото поврзани и со прогласувањето за заштитено подрачје. - Процесот за прогласување на дел од Осогово за заштитено подрачје ни помогна со научни истражувања да дознаеме и да се увериме колку многу природни вредности и реткости, колку многу убавини има во себе. Следните чекори што Општината планира да ги спроведе се во развојот на руралниот и на велосипедскиот туризам, изградба на планинарски дом и едукативен центар. Натамошното управување и развојот на заштитеното подрачје зависи од сите нас и од јавната свест за одржливо користење на ресурсите, истакна Илијев. Настанот беше дел од Програмата за зачувување на природата во Република Северна Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, а во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање. Имплементиран е од „Фармахем“ и Македонското еколошко друштво.та/фф/

Остани поврзан