• среда, 27 ноември 2024

Европска иднина и заложби за сите граѓани - ветувања од претседателските кандидати на стартот на кампањата

Европска иднина и заложби за сите граѓани - ветувања од претседателските кандидати на стартот на кампањата

Скопје, 5 април 2024 (МИА) - Предизборната кампања за Претседателските избори денеска продолжува со презентација на програмите на кандидатите на митинзи, дебати и средби со граѓани. На првиот ден од кампањата кандидатите изнесоа заложби за европска иднина на државата, со ветувања за функционални институциите со делегирање на професионални кадри, сите со реторика дека ќе бидат претседател на сите граѓани, како и критики до опонентите.

Изборните штабови најавуваат дека изборниот караван на кандидатот на Коалицијата на СДСМ Стево Пендаровски денеска ќе ги посети општините Карбинци  и Пробиштип, по што ќе одржи централен митинг во Штип, а кандидатката за претседател поддржана од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова ќе ја презентира  програмата пред граѓаните на Вевчани, Струга и Ресен. 

Кандидатот за претседател на Европскиот фронт, Бујар Османи, во дворот на Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје ќе одржи отворена дискусија на тема: „Членство на Северна Македонија во ЕУ, до 2030 година“ каде учесници ќе бидат академски претставници, студенти и невладини организации. 

Активности ќе има и кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ-За наша Македонија, Максим Димитриевски кој во Берово, Делчево, Македонска Каменица, Виница и Кочани на средби со граѓани ќе ја презентира програмата „Манифест за Македонија“, додека Коалицијата „Вреди“ која застана зад претседателскиот кандидат Арбен Таравари, најави прес-конференцијата во Скопје. 

Актуелниот претседател и кандидат за нов мандат синоќа на митинг во Прилеп порача дека неговата опција е европски просперитет, а не враќање во балканската кал.  - Ако Македонија во догледно време не стане членка на ЕУ сами не ќе можеме да го спречиме во поголем процент иселувањето. Затоа е императивно на достоинствен начин да влеземе во ЕУ. Не треба да ни се одземе кои сме и што сме, јазикот и идентитетот ни се гарантирани...Опцијата за која се застапувам и за која живеам не може да не врати повторно во балканската кал, туку во просперитетна европска средина. Затоа заокружете 1, Македонија не смее да се враќа назад, туку да оди само напред, истакна Пендаровски.

Според него, ова нема да бидат историски избори бидејќи „нема дилема зашто се е јасно со бела и црна понуда“, но, како што рече, „постои опасност од главната опозициска партија која нуди враќање назад“.

Кандидатката Силјановска Давкова на митингот пред Владата со кој ВМРО - ДПМНЕ и партиите од коалицијата ја почнаа кампањата за Претседателските избори порача да ги почитуваме темелните вредности на нашиот уставен поредок. 

-Ама и во какви било односи кон надвор со држави поголеми од нас, па и со сојузи како што е ЕУ, ние вистинските европјани, имаме обврска да потсетуваме на темелните вредности, оти без нив нема ниту демократија, ниту просперитет, ниту мир. Не се оди во Европа со реторика ЕУ, НАТО, НАТО ЕУ. Не, туку со почитување на вредностите и со практикување на вредностите само ако станеме нормална, стандардна држава, ќе бидеме во рамките на ЕУ, рече Силјановска Давкова.

Билјана Ванковска, кандидатката на Левица, пак, од Струмица порача дека себе си се дефинира како можен претседател на сите граѓани, бидејќи, како што рече, така пишува во Уставот и би била претседател на сите сиромашни, сите обесправени, сите дискриминирани, а такви има и меѓу Албанците, и меѓу Ромите, и меѓу Србите, и меѓу Власите и меѓу сите.

Ванковска рече дека битката не е само нејзина, туку е на сите и сака да ја изоди како народен трибун и да биде негов глас и повика на 24 април масовно да се излезе на гласање.

Со програма под наслов „Манифест за Македонија“ и со слоганот „Максимум за Македонија“ претседателскиот кандидат Максим Димитриевски кампањата на претседателски избори ја почна од Крушево.

-Мојата програма се базира на пет стратешки начела и пет приорити со кои ќе се зафатам во првите 200 дена. Моите пет начела се: единствени во надворешната политика, глас на разумот и обединувањето, поцврсти во одбраната и безбедноста, силни институции за заштита на граѓанинот и државата и вклученост и одговорност. Ќе ја зајакнам улогата на претседателот во надворешните односи, ќе поттикнувам и одржувам редовен, конструктивен и аргументиран дијалог со политичките субјекти за да постигнеме разбирање и согласност за клучните цели на државата – во надворешната и внатрешната политика, како врховен командант, ќе работам на зајакнување на капацитетите на македонската армија, ќе ги вложам сите напори за да се валоризира нашето членство во НАТО, рече Димитриевски пред Македониумот во Крушево.

Претседателскиот кандидат на ГРОМ ги почна активностите со средби со граѓани во Тетово,  каде порача дека нема повлекување се додека не се промени црно-белиот свет на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. - Како претседател на Република Македонија нема да ги делам граѓаните по етничка и верска припадност, јас ќе бидам претседател на сите и секој граѓанин во мене ќе има свој заштитник, истакна Јакимовски.

Според претседателскиот кандидат на ДУИ Бујар Османи, претстојните претседателски избори не се обични избори, туку, како што вели, се народен референдум што ќе ја определи иднината на државата.  - Нашата држава се наоѓа на крстопат. Еден пат води кон светла европска иднина, другиот пат води кон изолација бесперспективност и нејасност. Затоа овие избори не се обични избори, туку се народен референдум којшто ќе ја определи иднината на оваа држава,  рече Османи на прес-конференција пред претседателската вила Водно. 

Изјава на в.д. претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари по средбата со премиерот Димитар Ковачевски. 

На првиот ден од кампањата, претседателскиот кандидат Таравари присуствуваше на отворање партиски изборен штаб во Дебар.лв/мд/

 

Остани поврзан