• среда, 25 декември 2024

Европската унија внимателно го следи развојот на ситуацијата во Црна Гора

Европската унија внимателно го следи развојот на ситуацијата во Црна Гора
Брисел, 14 мај 2020 (МИА) - Европската унија внимателно го следи развојот на ситуацијата во Црна Гора и ги повикува сите страни да покажат умереност и да го почитуваат владеењето на правото, изјавија од Европската комисија за телевизијата Н1. Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро рече дека „ЕУ ги охрабрува црногорските власти да најдат правилен баланс помеѓу поддршката на слободата на собирање и изразување и пропорционално дејствување“. „ЕУ потсетува дека тоа е нејзината основна вредност и клучен елемент на процесот на пристапување на Црна Гора во Унијата, во ваков предизвикувачки период за сите нас“, рече Писонеро. Таа додаде дека „евентуалните прекршувања на законот треба да бидат решени од надлежните органи, во согласност со националното законодавство и релевантните меѓународни стандарди“. Во неколку црногорски градови синоќа се судрија полицијата и демонстрантите кои бараат ослободување на епископот Јоаникија и седум свештеници на СПЦ. Тие беа уапсени за организирање поворка во Никшиќ во вторникот со илјадници граѓани, и покрај забраната за собири. Според црногорската полиција, во судирите се повредени 26 полицајци, а повеќе од 50 лица се приведени. Доцна попладнево во Никшиќ и неколку други градови имаше повторно собирања на граѓани пред Центарот за безбедност, но без инциденти. Премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ нагласи денеска дека Црна Гора била изложена на брутален напад поради масовни собири што може да имаат несогледливи последици по здравјето на црногорските граѓани. Тој, исто така, имаше недвосмислена порака за сите - не мора да ја сакате Црна Гора, но мора да ја почитувате. „Нашата земја е изложена на брутален напад што може да има огромни последици по здравјето. Се кршат масовно наредби од надлежните органи. Имаше масовно кршење на здравствените наредби и мерки во неколку наши градови. Се што постигнавме за три месеци посветена работа и заедничко жртвување, е доведено во прашање. Нема разумно објаснување или оправдување за ваквото однесување и неговите актери. Стравуваме дека за десетина дена би можеле да се најдеме во ситуација од пред два месеци. Нема разумно објаснување или оправдување за таквото однесување. Повеќе полицајци беа нападнати и повредени од екстремисти, рече премиерот Марковиќ. зш/

Остани поврзан