• петок, 27 декември 2024

Европската комисија одобрила финансирање на проектот „Независен систем за природен гас во Александруполи“

Европската комисија одобрила финансирање на проектот „Независен систем за природен гас во Александруполи“

Атина, 23 септември 2024 (МИА) – Европската Комисија издала извршна одлука за одобрување на финансиски придонес на Унијата во реализација на проектот „Независен систем за природен гас во Александруполи“, соопшти алтернативниот министер за национална економија и финансии на Грција Никос Папатанасис, јави дописничката на МИА од Атина.

Одлуката е во рамките на програмата на европските структурни и инвестициски фондови за конкурентност, претприемништво и иновации 2014-2020 година, а вкупниот прифатлив трошок за завршување на проектот е одреден на 202 милиони евра.

-Одлуката на Европската Унија претставува признавање на важноста на проектот, како за зајакнување на улогата и перспективите на Грција како центар за пренос на енергија во поширокиот регион, така и како извор за енергетско снабдување на земјата со природен гас. Пуштањето во употреба на терминалот за течен природен гас (ЛНГ) во Александруполи се очекува на 1 октомври 2024 година, пишува во соопштението од Министерството за национална економија и финансии на Грција, нешто што го посочи и портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите.

Како што објави МИА во петокот, следната седмица ќе започне комерцијалната работа на терминалот за течен природен гас во грчкиот град Александруполи преку кој низа земји, меѓу кои и Северна Македонија ќе се снабдуваат со природен гас. ср/сд/

Остани поврзан