• среда, 27 ноември 2024

Европската комисија без коментар за посетата на бугарската делегација на здружението „Ванчо Михајлов“ и за условите на Софија

Европската комисија без коментар за посетата на бугарската делегација на здружението „Ванчо Михајлов“ и за условите на Софија

Брисел, 19 април 2022 (МИА) – Европската комисија останува на ставот дека Бугарија и Северна Македонија треба да изнајдат „заедничко прифатливо решение“ за спорот, но одби да даде коментар за билатералните услови во ЕУ-процесот, јави дописничката на МИА од Брисел.

МИА денеска на редовниот брифинг за новинари на Европската комисија побара коментар како за посетата на бугарската владина делегација во центарот во Битола, кој го носи името на контроверзниот Ванчо Михајлов, како и коментар за најавата за нова блокада на ЕУ-патот од страна на Софија.

Портпаролката Ана Писонеро ги повтори истите познати реченици за „заедничко прифатливо решение“.

- Нашата дамнешна позиција е дека и Северна Македонија и Албанија ги исполнија условите за почеток на пристапните преговори, како што знаете следните чекори се во рацете на Советот, од наша страна јасно продолжуваме да ги охрабруваме Северна Македонија и Бугарија да постигнат заеднички прифатливо решение за постоечките билатерални прашања и се надеваме дека ќе видиме што поскоро отворање на формалните пристапни преговори со двете земји, што поскоро, повтори Писонеро.

Останува неодговорено прашањето дали условите што ги поставува Софија – промена на Уставот пред стартот на преговорите со ЕУ, промена на учебниците, итн. – се услови што ги одобрува Европската комисија иако е јасно дека тие не се дел од Копенхашките критериуми, кои Комисијата е должна да ги почитува како чувар на Повелбите на ЕУ.

- Знаете добро дека условите за влез во ЕУ се тие што се, тие не се сменети се разбира. Второ, знаете добро дека за да започнат преговорите за пристапување, земјите членки треба да ја одобрат преговарачката рамка. Комисијата веќе пред некое време го поднесе својот предлог до Советот. Дискусиите се во Советот и продолжуваме да ги охрабруваме Северна Македонија и Бугарија да постигнат заеднички прифатливо решение за постоечките билатерални прашања за да напредуваме со процесот. Од наша перспектива ситуацијата е многу јасна: Северна Македонија и Албанија заслужуваат да одат напред и се надеваме на овој чекор што поскоро, изјави Писонеро, која повторно не одговори на прашањето за прифатливоста на бугарските билатерални услови.

Бугарија ја отфрла предложената преговарачка рамка на Европската комисија и планира повторно да ја блокира Северна Македонија во јуни поради билатерални прашања поврзани со историјата и културата, кои никогаш не биле дел од ниту една преговарачка рамка.

Албанија сега бара да биде одвоена од Северна Македонија, одвојување што го поддржува Бугарија, но не и голем број други земји членки на ЕУ. Писонеро на ова повтори дека позицијата на Европската комисија е дека двете земји заслужуваат старт на преговори.

Европската комисија не коментираше за посетата на бугарската делегација во контроверзно именуваниот центар во Битола, а не реагираше ниту на осудата од страна на Еврејската заедница на Северна Македонија. тм/нд/

Остани поврзан