• недела, 24 ноември 2024

Европратениците подготвуваат резолуција против странското мешање во ЕУ 

Европратениците подготвуваат резолуција против странското мешање во ЕУ 

Брисел, 24 април 2024 (МИА) - По најновиот случај во кој помошник на германскиот европратеник Максимилијан Крах од редовите на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АФД) е обвинет дека бил „на платниот список на Пекинг“ со цел да работи за промоција на кинеските интереси во ЕУ, политичките групации во Европарламентот бараат брза реакција од надлежните власти за расчистување на сите наводи за обиди за странско мешање. 

Ова не е прв случај на обвинувања за странско мешање во пресрет на изборите за Европарламентот во јуни. Минатата недела властите на Чешка и Белгија обелоденија дека разоткриле руска пропагандна мрежа во која биле вклучени неколку европратеници, кои добивале „финансиска поддршка“ од Русија. Иако, во интерес на истрагата имињата на осомничените не беа соопштени, медиумите тврдеа дека станува збор за европратеници од редовите на екстремно десничарски партии од неколку европски земји, вклучително и од Франција и Германија. 

Водечките политички групации во ЕП жестоко реагираа на ваквите наводи посочувајќи со прстот кон екстремната десница, која ја оквалификуваа како „најслабата алка“ подложна на странско влијание, а десноцентристичката Европска народна партија (ЕПП) и либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ) подготвија и предлог-резолуции за кои треба да се расправа и гласа во рамки на утрешната парламентарна дебата посветена на „Новите наводи за руско мешање во Европскиот парламент и претстојните избори во ЕУ и за влијание во Унијата“.    

Во Предлог-резолуцијата на ЕПП се нагласува дека постојат „кредибилни извештаи“ во кои се посочува дека европратеници од редовите на екстремно десничарската групација Идентитет и демократија (ИД) и на Левицата, но и членови на ЕП кој не припаѓаат на ниту една група, „свесно им служат на интересите на Русија што се рефлектира во нивните јавни настапи, при гласањето и во организацијата на настани“. 

Во текстот се нагласува и дека не само Русија, туку и Кина се обидува да влијае и да се меша во ЕУ, посочувајќи на случаи на „кинески врски“ во унгарската владејачка партија Фидес на премиерот Виктор Орбан, АФД, францускиот екстремно десничарски Национален собир (РН) на Марин Ле Пен и во неговата сестринска Партија на слободата на Австрија (ФПО). 

Во Предлог-резолуцијата на либералната РЕ, пак, се бара разоткривање на „сите актуелни европратеници или кандидати на претстојните европски избори кои зеле пари или биле корумпирани од руската Влада или нејзини претставници“. 

Либералите бараат и одземање на имунитетот на европратениците осомничени за поврзаност во вакви активности како дел од напорите за нивно санкционирање и зачувување на интегритетот на Европскиот парламент.  

Дополнително, и во резолуциите на ЕПП и на РЕ се изразува загриженост поради „руското мешање во групите што се залагаат за независност на Каталонија“. 

Но, не се само европратениците од десницата вмешани во скандали со странско влијание. Така во февруари годинава летонската европратеничка Татјана Жданока од Рускиот сојуз на Летонија (ЛРС), која не е членка на ниту една партиска групација, но претходно беше дел од групата на Зелените, беше обвинета дека е „руски шпион“ за што ЕП отвори внатрешна истрага. Од друга страна, во скандалот „Катаргејт“ што го потресе ЕП во 2022 година, актуелни и поранешни европратеници на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) беа осомничени за примање поткуп со цел да работат и лобираат во интерес на Катар и Мароко.  

Дополнително, и поранешниот полски премиер Матеуш Моравиецки од национал-конзервативната и десно популистичка партија Право и правда (ПиС), која е членка на десничарската алијанса Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), обвини дека „Русија е активна во сите политички групи“, но дека главно насочува пари кон социјалистите. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан