• сабота, 23 ноември 2024

Европратениците го поддржаа создавањето на Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан 

Европратениците го поддржаа создавањето на Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан 

Брисел, 24 април 2024 (МИА) – Европскиот парламент денеска со 517 гласови „за“, 56 „против“ и 30 „воздржани“ го усвои Извештајот на коизвестувачите, хрватските европратеници Тонино Пуцула и Карло Реслер за Регулативата за создавање на Механизам за реформи и раст на Западниот Балкан, кој претставува финансиски инструмент за имплементација на Планот за раст на регионот. 

Како што беше истакнато во текот на синоќешната дебата по Предлог-регулативата за создавање на Механизмот, со Планот за раст на Западниот Балкан треба да се обезбеди економско зајакнување на земјите од регионот, поттикнување на нивните внатрешни реформи и привлекување на инвестиции, со што тие многу брзо ќе ги почувствуваат придобивките од приближувањето на кон ЕУ, а во исто време овој инструмент може да доведе до двојно зголемување на нивните економии во следните 10 години.  

Планот за раст на Западниот Балкан, кој Европската комисија го претстави лани во ноември, како нова алатка за забрзување на подготовките на земјите од регионот за членство во ЕУ, со можност за користење на некои од неговите придобивки за граѓаните и бизнисите уште пред зачленувањето, би требало значително да ги забрза процесот на проширување на Унијата и растот на економиите на земјите од регионот.     

Во рамки на Механизмот за периодот од 2024 до 2027 година за земјите од Западниот Балкан ќе бидат одвоени шест милијарди евра, од кои две милијарди евра неповратни грантови и четири милијарди евра позајмици под поволни услови. Од вкупната сума најмалку 800 милиони евра ќе бидат предвидени за Северна Македонија.     

За финансирање на позајмиците ЕУ ќе обезбеди средства од финансискиот пазар, а за неповратната поддршка веќе е обезбедена сумата со последната ревизија на Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот 2021-2027 година. Овие средства ќе претставуваат надополнување на постоечкиот Инструмент за претпристапна помош (ИПА 3), со што значително ќе се зголеми финансиската помош од ЕУ за државите од Западниот Балкан. 

Механизмот треба да им обезбеди поддршка на земјите од регионот во спроведувањето на реформите поврзани со приближувањето кон Унијата и да го стимулира нивното економско поврзување со блокот, врз основа на амбициозни реформски агенди. Механизмот, исто така, има за цел да промовира усогласување на овие земји со вредностите, законодавството, правилата, стандардите, политиките и практиките на ЕУ, со цел нивно подготвување за идно членство во Унијата.  

Финансиската помош е условена со спроведување на социо-економски и фундаментални реформи дефинирани во амбициозните реформски агенди што самите ги подготвуваат земјите од Западен Балкан и ги доставуваат на одобрување до ЕУ.    

Известувачот на Комитетот за надворешни работи на ЕП во однос на законската регулатива,  хрватскиот европратеник Тонино Пуцула за време на синоќешната дебата посочи дека првично поставените услови се проширени и со барања за борба против дезинформациите, хармонизација на визниот режим со оној на Унијата, за организирање фер и демократски избори и за владеење на правото, а за Косово и Србија дополнителен предуслов се и резултати од нивниот дијалог.  

Најмалку половина од целокупниот пакет помош ќе биде распределен преку Инвестициската рамка за Западниот Балкан (ВБИФ) за поддршка на инвестиции во транспортната инфраструктура, енергетскиот сектор и за зелената и дигиталната транзиција, а останатиот дел ќе биде наменет како директна поддршка за националните буџети на земјите од регионот.    

Средствата ќе бидат исплаќани двапати годишно, врз основа на барањата на земјите од Западен Балкан и по одобрение од Комисијата, а за некои прашања и од Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), доколку бидат исполнети сите релевантни услови. Станува збор за услови поврзани со квалитативните и квантитативните оценки за постигнатиот напредок и резултати во имплементацијата на реформските агенди, како и општите услови поврзани со макрофинансиската стабилност, управувањето со јавните финансии, транспарентноста и контролата над буџетот. 

Според еврокомесарката за еднаквост Хелена Дали, реализацијата на Планот за раст, односно исплатата на првите средства од него, треба да започне во текот на летото, но тоа ќе зависи од темпото се кое ќе бидат изработени и усогласени реформските агенди, чии подготовки се во тек.  

Согласно Планот, доколку некои предвидени услови не се исполнети, Комисијата може делумно или целосно да ја прекине исплатата на средства. По ваквата суспензија и во случај партнерите од Западен Балкан да не ги исполнат поврзаните услови за време на грејс период од една година, односно две години во првата година од имплементацијата, суспендираниот износ ќе биде повлечен и може да биде прераспределен меѓу другите корисници во следните години. 

Еврокомисијата очекува комбинирањето на зголемената финансиска помош заедно со реформите да го забрза напредокот на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ, да ја поттикне нивната економска конвергенција и тие подобро да се интегрираат во единствениот европски пазар уште пред зачленувањето во Унијата. 

- Планот е добра вест која му е потребна на регионот. Тоа е нова алатка што ќе им помогне на нашите партнери од Западниот Балкан побрзо да растат и подобро да се подготват за идното членство во Европската Унија, порача Дали. сп/лв/

Фото: ЕБС

Остани поврзан