• петок, 27 декември 2024

Европа има недостиг на контролори на летање

Европа има недостиг на контролори на летање

Брисел, 22 август 2023 (МИА) - Европа се соочува со недостиг на меѓу 700 и 1.000 контролори на летање, како резултат на недоволната заинтересираност на младите за оваа професија која ја каракреризираат постојани обуки и наобразби, нефлексибилно работно време и прекувремена работа.

Според извршниот потпретседател на Меѓународната федерација на асоцијации на контролори на летање, Фредерик Дело, главна причина за недостигот на кадар за контролните кули на аеродромите е тоа што за оваа професија е потребно повеќегодишно стручно усовршување.

Дело нагласува дека на контролорите на летање од старт им се потребни две до три години специјалистичка обука, што често претставува огромен трошок за давателите на услуги за воздухопловната навигација.

Една стандарна програма за обука на контролори за летање, како онаа што ја спрроведува Евроконтрол, опфаќа теоретска настава на воздухопловни универзитети, тренинзи на симулатори и практична обука во контролните центри. Кандидатите, исто така, мора да исполнат и други строги критериуми, кои вклучуваат одредено ниво на кондиција, слух и вид, познавање на англискиот јазик и математика, како и да се помлади од 27 години на стартот на обуката.

Преку 11 милиони евра инвестираме во модернизација на навигацискиот систем во М-НАВ, се со цел да овозможиме поефикасно работење на Контролата на летање и за поефикасен авиосообраќај во земја

Дополнителен проблем со недостигот на кадар во овој сектор предизвикаа и Ковид пандемијара и финансиската криза во 2008 година, што резултираше со откажување или одлагање на обуките за контролори за летање.

- Постојано се содава недостиг, заклучува Дело, додавајќи дека проблемот ќе се влоши во следниот период кога „огромен дел“ од актуелните контролори на летање во Европа ќе треба да се пензионираат.

Ваквиот недостиг на работна сила се надоместува со зголемен обем на работа и продолжување на работното време, што дополнително ја прави професијата помалку привлечна и го отежнува привлекувањето нови кадри.

- Не можеме постојано да ги притискаме луѓето. Прекувремена работа има и свои граници, бидејќи сме безбедносно ризична професија. Не можеме постојано да бараме од луѓето да доаѓаат на работа по 12 часа или да работат шест од седум дена во неделата, со што ризикуваме во еден момет да превидат нешто или да се случи инцидент, изјави Дело за „Политико“.

Тој нагалсува дека работното време на контролорите на летање е „асоцијално“. 

Швајцарскиот воздушен простор моментално е „затворен до дополнително известување“, поради дефект на компјутерска опрема, соопшти утринава Службата за контрола на летање „Скајгајд“.

- Кога одам утринска смена, станувам во четири часот наутро. Кога ќе се вратам од попладневна смена, стигнувам дома на полноќ, објаснува Дело.

Дополнитело се бележи одлив на кадар во овој сектор од Европа во земји како Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати, кои водат агресивни кампањи за привлекување на контролори на летање, нудејќи им атрактивни пакети за работен ангажман на аеродормите на Блискиот Исток. 

Како можно решение за недостигот на кадар се нуди централизација на активностите и функционирање на кули управувани од далечина. Ваквиот модел уште од 2021 година го користи еден оператор во Шкотска, кој дотогашните 11 контролни кули на исто толку аеродорми на некои шкотски острови, ги сведе на шест.

По овој пример, ЕУ обезбеди финансии за истражување на прототип на платформа со која се опфатени 15 аеродроми, чии кули ќе бидат контролирани од далечина од персонал стациониран во Литванија и Полска.

Сепак ваквиот модел не наиде на поддршка од страна на синдикатите, кои сметаат дека тој носи и безбедносни ризици. Според Европската федерација на транспортни работници, со оглед на тоа што оваа технологија е во зачеток, нема гаранции дека таа услуга ќе може да се обезбеди во случај на лоши временски услови, инфраструктурна штета или кибер напад.

Хрватската Контрола на летање вечерва соопшти дека контролната кула во Загреб била оштетена во земјотресот, поради што воздушниот сообраќај над Загреб кусо време бил во прекин.

Професорката по авиоменаџмент на Универзитетот во Даблин, Марина Ефтимиу смета дека клучот во решение за проблемот е родова и расна диверзификација на секторот.

- Кога помислувате на контролор на летање, тој е маж, белец и веројатно негов родител или член на семејството биле контролори – што ја намалува базата за регрутирање кадри, вели Ефтимиу за „Политико“.

Таа е дел од програма на Воздухопловната управа на Ирска, која има за цел да ја промени перцепцијата за професијата контролор на летање како „чисто техничка и машка“.

Според неа, привлекувањето повеќе професионалци во овој сектор е неопходно имајќи ги предвид претстојните промените во воздухопловната индустрија, што ќе ги донесат новите еколошки авиони кои ќе се движат на „позелени горива“, бесполотните летала и авионскиот такси превоз.

- Не само што ќе ни требаат дополнителни контролори, туку и контролори со напредни вештини. Работите се менуваат. Се се менува релативно брзо и тоа ќе ги комплицира работите, заклучува Ефтимиу. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан