• среда, 18 декември 2024

Европарламентот усвои измени на Законот за дефорестација 

Европарламентот усвои измени на Законот за дефорестација 

Брисел, 14 ноември 2024 (МИА) - Европскиот парламент денеска со 371 глас „за“, 240 „против“ и 30 „воздржани“ ги усвои измените на Регулативата на ЕУ за заштита на шумите од уништување, со кои се предвидува одлагање на стапувањето во сила на некои од нејзините одредби. 

Првично беше предвидено примената на овие одредби да важи од крајот на годинава, но сега тие за големите и средни компании ќе стапат во сила од 30 декември 2025 година, а за микро и малите претпријатија од 30 јуни 2026 година. 

Законот за дефорестација има за цел да гарантира дека производите што се продаваат во ЕУ не се добиени со обесшумување на земјиште. Измените беа предложени по скратена постапка, откако некои членки на ЕУ, изразија загриженост дека земјите кои не се членки на Унијата, како и некои трговци и оператори не ќе може да ги почитуваат овие правила доколку тие почнат да се применуваат од крајот на 2024 година. 

Се проценува дека дополнителното време што им се дава на компаниите ширум светот со одлагањето на целосната примената на Регулативата, ќе спречи непречено спроведување на нејзините правила од самиот почеток без поткопување на целите на законот. 

Европратениците усвоија и неколку други амандмани на Регулативата предложени од политичките групи, со кои се воспоставува нова категорија земји „кои не претставуваат ризик“ за уништување на шумите, покрај веќе постојните три категории на држави од „низок“, „стандарден“ и „висок“ ризик за дефорестација. Земјите како ќе бидат дефинирани како „без ризик“ за уништување на шумските површини, би се соочиле со значително помалку строги барања. Комисијата е задолжена оваа класификација да ја заврши до 30 јуни 2025 година. 

За да стапат во сила, денеска усвоените измени во ЕП ќе треба да бидат одобрени и од Советот на ЕУ. 

Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО) проценува дека во периодот меѓу 1990 и 2020 година биле уништени 420 милиони хектари шума, површина што е поголема од територијата на ЕУ. Според проценките, производите што се продаваат во ЕУ „се одговорни“ за околу 10 отсто од глобалното уништување на шумите. Над две третини од ова отпаѓа на палминото масло и сојата. 

Регулативата за заштита на шумите од уништување, која стапи во сила на 29 јуни 2023 година, има за цел да ја зајакне борбата против климатските промени и загубата на биодиверзитетот преку спречување на уништувањето на шумите, поврзано со потрошувачката на производи од какао, кафе, палмово масло, соја, дрво, гума, јаглен и хартија. сп/

Фото: ЕП

Остани поврзан