• недела, 24 ноември 2024

Еврокомесарот Бретон иницира „Закон за нуклеарни технологии на ЕУ“ 

Еврокомесарот Бретон иницира „Закон за нуклеарни технологии на ЕУ“ 

Брисел, 12 април 2024 (МИА) - Откако Европскиот парламент усвои нов сет на закони поврзани со енергетскиот сектор и транзицијата на европскиот гасен пазар, еврокомесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон сега најави идеја за носење „Закон за нуклеарни технологии на ЕУ“, со што би се трасирал патот за развој на интегрирана нуклеарна индустрија во Европа. 

Согласно своите климатски цели за јаглеродна неутралност до 2050 година, а во услови кога се предвидува раст на потрошувачката на електрична енергија до 2040 година за 57 до 79 отсто, пред ЕУ се наметнува потребата за стимулирање на производството на струја од обновливи извори. Заложбата за добивање електрична енергија од чисти технологии доведе до изработка на Акциски план за енергија од ветерници и на Соларната повелба, со што ЕУ примарно во производството на струја би се орентирала кон користење на ветерот и Сонцето. 

Но, очекуваната зголемена потреба од струја, а и енергетската криза во 2022 година, одново го наметнаа прашањето за преразгледување на употребата на нуклеарната енергија. 

Бретон, чија земја е главен производител на струја од нуклеарни реактори во ЕУ, промовира концепт за усвојување на „Закон за нуклеарна енергија“, како резултат на, според него, неопходноста од подигнување на атомската енергија на „друго ниво, бидејќи таа има централна улога во сложената равенка меѓу безбедноста, одржливоста и конкурентноста“. Францускиот еврокомесар и од претходно во неколку наврати се залагаше за зголемување на европското истражување и иновации во „најбезбедните нуклеарни технологии во светот“. 

Иако засега нема детали за самиот „Закон за нуклеарна енергија“, идејата на Бретон наиде на поддршка од директорот на француската државна енергетска компанија ЕДФ, Лук Ремон, кој ја оцени како „апсолутно добредојдено“. Тој додаде дека и „нуклеарната индустрија е европска“, не криејќи дека идејата за поддршката на атомската енергија е поттикната од француските интереси. 

Нуклеарниот индустриски сектор неодамна формираше свој сојуз фокусиран на развојот на нови иновативни технологии, како мали и напредни атомски реактори и со идеја за зајакнување на притисокот врз европските институции за поголема јавна поддршка за оваа индустрија, вклучително и со помош од фондовите на ЕУ и преку кредити од Европската инвестициска банка (ЕИБ) под поволни услови. 

Според извршниот директор на финската државна енергетска компанија „Фортум“, Маркус Раурамо, доколку ЕУ преку ЕИБ покаже дека е подготвена да вложи капитал во нуклеарниот сектор, со тоа ќе испрати сигнали што би можеле да привлечат инвестиции и од други извори. 

Но, ЕИБ засега останува воздржана околу ваквата идеја. Потпретседателот на ЕИБ, Томас Острос на собир посветен на нуклеарната енергија што се одржа кон крајот на март во Брисел, порача дека за Банката до 2030 година приоритет ќе остане поддршката на обновливите извори на енергија. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан