• сабота, 23 ноември 2024

Евроинтеграции на Северна Македонија и Црна Гора во фокусот на средбата Муртезани - Ибрахимовиќ

Евроинтеграции на Северна Македонија и Црна Гора во фокусот на средбата Муртезани - Ибрахимовиќ

Скопје, 13 септември 2024 (МИА) – Продлабочувањето на билатералните односи, регионалната соработка и заедничките аспирации на двете земји за членство во Европската Унија, биле во фокусот на средбата на министерот за европски прашања на Северна Македонија, Орхан Муртезани, со министерот за надворешни работи на Црна Гора, Ервин Ибрахимовиќ. 

Како што пренесуваат од Министерството за Европски прашања, министрите Муртезани и Ибрахимовиќ ја потврдиле основата на билатералните врски.

- Овие односи се базираат на традиционалното пријателство, стратешкото партнерство и долгогодишната конструктивна соработка. Министрите нагласија дека Северна Македонија и Црна Гора имаат заеднички интерес во поддршката и унапредувањето на стабилноста и безбедноста во регионот, со што придонесуваат кон просперитетна иднина на Западен Балкан, стои во соопштението од МЕП.

Во контекст на европската интеграција, министрите го истакнале Договорот за соработка меѓу владите на Северна Македонија и Црна Гора во процесот на пристапување кон ЕУ, потпишан во 2011 година, како важен елемент во заедничките напори за побрза интеграција во Унијата. Тие се согласиле дека техничката и оперативната поддршка што Црна Гора ја обезбедува за Северна Македонија во овој процес, претставува одличен пример за солидарност и соработка во регионот.

Муртезани и Ибрахимовиќ го потврдиле нивниот заеднички ангажман во градењето на уште посилни и продлабочени односи меѓу двете земји, како и нивната посветеност на реформските процеси кои ќе овозможат целосна интеграција во Европската Унија. Изразиле увереност дека овој пат ќе биде потпомогнат од континуираната соработка и поддршка меѓу земјите во регионот и Европската Унија.ар/са/

Фото: МЕП

Остани поврзан