• среда, 13 ноември 2024

Евробарометар: Граѓаните на ЕУ придаваат големо значење на европските избори и безбедноста

Евробарометар: Граѓаните на ЕУ придаваат големо значење на европските избори и безбедноста

Брисел, 17 април 2024 (МИА) - Мнозинството Европејци сметаат дека гласањето на изборите за Европскиот парламент е уште поважно во актуелната геополитичка ситуација, а се повеќе луѓе приоритет даваат на одбраната и безбедноста на ЕУ, покажуваат резултатите од новиот Евробарометар.

Последното истражување на Евробарометар во пресрет на европските избори, кои ќе се одржат од 6 до 9 јуни, покажува дека интересот за изборите, свеста за тоа кога ќе се одржат и веројатноста за гласање се зголемени од претходното истражување во есента 2023 година. Растот е уште повпечатлив во споредба со истражувањето од пролетта 2019 година, три месеци пред претходните европски избори, соопшти Европскиот парламент.

Шест од 10 граѓани се заинтересирани за претстојните избори за Европскиот парламент, што е за 11 процентни поени повеќе од пред претходните избори, а 71 отсто се изјасниле дека најверојатно ќе гласаат, што е три отсто повеќе од пред шест месеци и 10 процентни поени повеќе отколку во 2019 година.

„Резултатите покажуваат дека граѓаните на ЕУ се многу свесни за важноста на гласањето во актуелниот геополитички контекст, при што 81 процент од испитаниците се согласуваат дека тоа го прави гласањето уште поважно. Големо мнозинство во сите земји-членки ја поддржува таа позиција“, се вели во соопштението на ЕП.

Третина од учесниците во истражувањето рекоа дека би сакале да ја видат борбата против сиромаштијата и социјалната исклученост, како и поддршката за јавното здравје (32 отсто) како главни теми на изборната кампања.

Поддршката за економијата и отворањето нови работни места, како и одбраната и безбедноста на ЕУ се на трето место (31 процент).

Значењето што граѓаните го придаваат на одбраната и безбедноста на ЕУ се зголеми за време на мандатот на сегашниот состав на ЕП, особено во период на руската војна против Украина. Сега се споменува како прв или еден од првите приоритети на изборната кампања во девет земји, најмногу во Данска (56 проценти), Финска (55 проценти) и Литванија (53 проценти).

Што се однесува до иднината, 37 проценти од граѓаните на ЕУ даваат највисок приоритет на одбраната и безбедноста во зајакнувањето на позицијата на ЕУ на глобално ниво, а потоа следат енергетските прашања и безбедноста на храната/земјоделството (по 30 проценти).

Претседателката на ЕП Роберта Мецола рече дека Европејците се свесни дека влогот на гласачките места е голем и дека изборите денес се уште поважни.

„Парламентот и Европската унија постигнаа невидени резултати во последните години. Бевме соочени со исклучителни и предизвикувачки околности, но излеговме уште посилни и пообединети. Парламентот беше и ќе продолжи да биде гласот на граѓаните и застапник во ЕУ“, рече Мецола.

Вкупно 41 процент од граѓаните на ЕУ имаат позитивна слика за Европскиот парламент, што е највисока од првото поставување на прашањето во 2011 година, 40 отсто од испитаниците имаат неутрално мислење, а 18 отсто имаат негативно мислење.

Мнозинството од испитаниците (56 отсто) сметаат дека ЕП треба да има позначајна улога, 28 отсто го мислат спротивното, а 10 отсто се задоволни од сегашната улога.

Четири од 10 граѓани велат дека глобалната улога на ЕУ станала поважна во изминатите години, 35 отсто сметаат дека останала иста, а 22 отсто дека се намалила.

На национално ниво, релативно мнозинство во 15 земји веруваат дека ЕУ станала поважна во светот со текот на годините, при што најмногу граѓани на Шведска (67 проценти), Португалија (63 проценти) и Данска (60 проценти) мислат така. Од друга страна, повеќето граѓани на Словенија (32 отсто) и на Чешка (30 отсто) сметаат дека ЕУ ја изгубила својата важност.

Речиси три четвртини од испитаниците (73 проценти) веруваат дека акцијата на ЕУ влијае на нивниот секојдневен живот, вклучително и една петтина од нив кои мислат дека тоа има големо влијание.

Големо мнозинство (71 процент) се согласуваат дека нивната земја има корист од членството во ЕУ.

Пролетниот Евробарометар беше спроведен од 7 февруари до 3 март во сите земји-членки на ЕУ, а беа анкетирани над 26.000 луѓе. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан