• среда, 25 декември 2024

Евроамбасадорот Дејвид Гир во посета на Дебар

Евроамбасадорот Дејвид Гир во посета на Дебар

Дебар, 27 јули 2023 (МИА) - Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир денеска беше во посета на Општина Дебар. Амбасадорот остварил средба со градоначалникот Хекуран Дука, а потоа и со членовите на Советот на општина, како и со претставници на невладиниот сектор, здруженија и граѓани од повеќе области.

Како што соопштија општинските власти, на средбата градоначалникот Дука го запознал евроамабасадорот Гир со спецификите на општината, нејзината историја и култура.

-Привилегирани од оваа висока посета на нашата општина, имавме задоволство да му приредиме посебно гостопримство.
Интересот на амбасадорот беше главно насочен кон барањата што ги има нашата општина за реализација на проекти од областа на патната инфраструктура, заштитата на природата, екологија, управување со отпад, третман на отпадни води, аерозагадување, прекугранична соработка, економски развој локален, млади совет, интерес за образование (Еразмус +), миграција, изјави Дука по посетата.

Тој додаде дека од негова страна биле елаборирани сите приоритетни потреби, а веќе се подготвени детални технички проекти за кои е потребна финансиска покриеност.

-Дел од проектите можеме да ги покриеме со општинскиот буџет, некои други со фондови на релевантните министерства на Република Северна Македонија, а други од меѓународни каде што се дел фондации од Европската Унија, особено со ИПА фондовите во земјоделство (сточарство) како и во заеднички проекти кои произлегуваат од прекуграничната соработка со соседните земји, нагласи Дука.

Амбасадорот го информирал градоначалникот дека наскоро во Струга ќе биде отворена „Куќата на Европа“, која ќе биде регионална канцеларија на Европската Унија, чија цел ќе биде општините од југозападниот регион да можат да поднесуваат барања и проекти и можности за нивно финансирање. 

- Задоволство ми е што сум тука во овој град. Имавме пријатен разговор со градоначалникот Дука. Како и до сега и во иднина и оваа општина  ќе ја има нашата поодршка, посочи Гир.

Ова е осма во низата општински посети по отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија за членство во ЕУ во јули 2022 година.вт/бт/

Фото: општина Дебар

Остани поврзан