• четврток, 26 декември 2024

Евроамбасадорот Гир ја посети Општина Виница

Евроамбасадорот Гир ја посети Општина Виница

Виница, 10 јули 2024 (МИА) – Шефот на Делегацијата на Европската Унија амбасадорот Дејвид Гир денеска ја посети Општина Виница, при што оствари средба со градоначалникот Миле Петков и со членовите на општинскиот Совет, на која се разговараше за економските можности и природните потенцијали со кои располага општината, како и за финансиските капацитети за реализација на тековните проекти, со посебен акцент на оние што се реализират со поддршка од ЕУ.

Евроамбасадорот Гир изрази задоволство од постигнатите резултати во развојот на локалната инфраструктура и создавањето услови за економски развој во општината.

-Од фондовите на ЕУ има определено финансиски средства за поддршка на различни проекти во Виница, а тоа пред сè ја вклучува успешната реализација на проектот за третирање на цврст отпад и на атмосферските води со колекторот на канализациската мрежа кој што треба да се поврзе со главната пречистителна станица. Исто така, проект којшто е финансиран од ЕУ е обезбедувањето услови за вдомување на ромското население тука во Виница. Со претставниците на општинскиот Совет имавме навистина многу интересна размена на гледишта и поразговараме за геополитички прашања. Имавме можност да слушнеме од прва рака од нивна страна кои се прашањата коишто им се важни на граѓаните тука во Општина Виница и за евроинтегративниот пат на Република Северна Македонија, истакна евроамбасадорот Гир.

Градоначалникот Петков изнесе подетални податоци за степенот на реализација на одредени проекти во општината, како и за проблемите околу регионалниот систем за управување со отпад, односно изградба на регионалната депонија во Источниот и Североисточниот регион.

-На средбата со амбасадорот на ЕУ разговаравме и за најновиот договор од Програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија, со кој ќе се обезбедат европски средства за уредување на кејот на Градишка Река која што поминува низ централното градското подрачје на Виница. Овој, и другите проекти се значајни за нас затоа што не само што решаваат важни инфраструктурни проблеми на граѓаните, туку придонесуваме и кон развој на демократските процеси во самата општина, истакна Петков.

Во рамки на престојот во Виница, евроамбасадорот Гир го посети основното училиште „Славчо Стојменски“, а имаше и средба со претставниците на невладините здруженија на локално ниво. Под мотото „Прашај го амбасадорот“ за попладне е предвидена дебата со граѓаните на Виница. та/вг/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан