• четврток, 26 декември 2024

Евроамбасадорот Гир на Мешовитиот парламентарен комитет РСМ-ЕУ: ЕУ останува со Северна Македонија

Евроамбасадорот Гир на Мешовитиот парламентарен комитет РСМ-ЕУ: ЕУ останува со Северна Македонија
Скопје, 28 јуни 2022 (МИА) – Во сечиј интерес е преговорите да почнат сега. ЕУ останува со Северна Македонија, ние сме најголем донатор во земјата и ги поддржуваме реформите во разни области, а вложуваме и во инфраструктурата, работни места и деловни субјекти, истакна евроамбасадорот Дејвид Гир, на првата сесија на 19-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ, кој се одржува денеска во Собранието на Република Северна Македонија. Зборувајќи во име на Европската служба за надворешни работи и Европската комисија, Гир рече дека и покрај важните геополитички случувања на Самитот на ЕУ, за жал не можело да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, нагласувајќи дека напорите се во тек. - Свесен сум за бранот јавна фрустрација и разочарување. Многумина разбираат дека членството во ЕУ дава најдобра перспектива за стабилност, просперитет и за демократската иднина на земјата. Не, тие не може да разберат зошто земјата не може да напредува на патот кон ЕУ. Треба да одработиме подобро, изјави Гир. Евроамбасадорот Гир, исто така, порача дека земјата има напредок во судските реформи, во спроведувањето на стратегијата за судски реформи 2017-2022, посочувајќи ја Академијата за судии и јавни обвинители како пример во регионот.Тој, исто така, нагласи дека напредокот во дигитализацијата на судството ќе биде клучен за обезбедување транспарентност и ефикасност, но и за кревање на јавната доверба во институциите. - Чекаме да се комплетира и бројот на судии во Уставниот суд, без кои тој не би можел да функционира, изјави Гир. Северна Македонија, продолжи тој, редовно поднесува извештаи за квалитетот на воздухот до Европската агенција за животна средина, како и дека има план за намалување и управување со отпад, но и напредок во законите за спасување и активирање на европскиот број за итни повици 112. - Во здравството земјата донесе стратегија до 2030 година со акциски план. Во овој сектор има загуби на медицински персонал. Северна Македонија стана член на механизмот за заеднички набавки и е набљудувач во Комитетот за здравствена безбедност, што дава пристап до системот за рано предупредување, изјави Гир. Живото граѓанско општество и професионалните медиуми, нагласи Гир се суштинска вредност на демократијата - Граѓанските организации во Северна Македонија  продолжуваат да ги следат владините политики и даваат придонес и во граѓанските и во државните институции. Тие може да бидат драгоцени и во борбата со лажните информации и говорот на омраза. Парламентот треба итно да ги назначи членовите на регулаторот за медиумите и советите за аудио и аудиовизуелни услуги, изјави Гир. Земјата, нагласи Гир, има сто процентна усогласеност со европската заедничка и надворешна политика, а работниот викенд минатиот месец под Жан-моне дијалогот го потврди процесот почнат 2018 година. -  Парламентот, за жал, се повеќе е жртва на политичката поларизација меѓу владата и опозицијата. Тоа има сериозно негативно влијание на законодавната агенда и влијае на пошироките реформи и потребната помош да се подобри животот на граѓаните, изјави Гир. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, посочи дека е многу важно да се задржи и исполни определбата за пристапување на државите од Западен Балкан во европското семејство, дадена уште во 2003 година на Самитот во Солун. - Тоа денеска е повеќе од кога било потребно, важно и да се случи без одлагање. Затоа е важно да се направи исчекор во позитивна насока, кој цврсто ќе ја гарантира европската иднина на нашиот регион. Бевме првата земја од нашиот регион, кој ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација во 2001 година, аплициравме за членство во 2004 година и станавме држава кандидат во 2005 година, а во 2009 година добивме прва позитивна препорака од ЕК за отворање на пристапните преговори. Сега е најважно да се потврдат европските вредности, да се валоризира она што сме го сработиле и државите членки да го завршат овој 18-годишен маратон за старт на преговорите, изјави Маричиќ. На почетокот на годината, Маричиќ, рече дека како Влада започнале искрен и отворен дијалог со Бугарија за изнаоѓање достоинствено и взаемно прифатливо решение за отворените прашања. - Како Влада секогаш сме настапувале разумно и отворено за изнаоѓање на разумни решенија, но сепак, не можеме да прифатиме предлог кој оди надвор од нашите национални позиции, изјави Маричиќ. Без разлика на исходот од француското претседателство со ЕУ, на што Маричиќ, рече дека остануваме целосно посветени, тој нагласи дека остануваме посветени и на спроведувањето на реформите и задржување на европскиот курс на државата. Постојниот известител на Европскиот парламент за Северна Македонија Илхан Ќучук, рече дека Северна Македонија има важна улога во гео-политичкиот контекст. - За жал, ние како Европски парламент не успеавме да убедиме некои од земјите членки, вклучително и мојата, да го крене ветото многу порано, за да може да се даде зелено светло за иднината на Северна Македонија и да се свика првата меѓувладина конференција, изјави Ќучук. Знаеме, нагласи Ќучук, дека и ЕУ понекогаш не успева и потфрла, но кога станува збор за високи демократски стандарди и животен стандард, ЕУ се уште предничи. - Верувам дека и во иднина ЕУ ќе биде најдоброто место да се обезбедат стратешките интереси на оваа држава, на вашите граѓани. Мојот апел денеска е, ајде да се обединиме како да се бориме против корупцијата, како да се воспостават повисоки демократски стандарди и како да се реформира оваа држава и оди на подобро, изјави Ќучук. Оваа ситуација, нагласи тој, е тројна загуба - загуба и за Северна Македонија, но и за Бугарија и за ЕУ. МПК, основан 2004 година врз основа на Договорот за стабилизација и асоцијација, претставува форум каде што членовите на Собранието и Европскиот парламент разменуваат искуства, мислења и ставови за зајакнување на меѓусебното партнерство. Комитетот се состанува два пати годишно - еднаш во нашето Собрание и еднаш во Европскиот парламент. аа/дма/

Остани поврзан