• сабота, 23 ноември 2024

Духовно воздигнување на млади во скитот „Св. Кирил и Методиј“ во Битуше

Духовно воздигнување на млади во скитот „Св. Кирил и Методиј“ во Битуше

Дебар, 25 јули 2024 ( МИА) - Вгнезден  во живописниот предел над долнореканското село Битуше, општина Маврово и Ростуше, бигорскиот скит,  посветен на „Светите Кирил и Методиј”, деновиве повторно беше омилената дестинација за четириесетина млади луѓе, кои беа дел од летната програма за деца и младинци, иницирана од епископот Антаниски, г. Партениј.

- Со благослов на нашиот Старец епископ Антаниски, г. Партениј. овие прекрасни млади души, преку меѓусебна дружба, едукативни работилници и интерактивни предавања, како и преку неизоставните игри и рекреација, се запознаа со основите на возвишеното духовно воспитание, со неприкосновените вистини за христијанската вера, но и со толку потребните, во современ контекст, социјални вештини, вели сестра Ефимија.

Додава дека била навистина прекрасна можност да се биде меѓу толку инспиративни млади луѓе, кои согласно особеностите на младешката природа, смело поставувале „интригантни прашања, движејќи се низ предизвиците и пределите на посакуваната слобода, вистинскиот избор, човечката и божествената правда, високото ниво на толеранција, рамноправноста и сострадалноста".

- Нивното радосно заедничарење ги привлекуваше и мештаните и дојденците во околните рекански села, кои со посебно расположение доаѓаа во дворот на скитот, за да ги следат вечерните предавања и да се исполнат со неверојатниот спокој кој извира од ова место, нагласува сестрата.

Бескрајна е нашата благодарност кон Бога,  истовремено и кон родителите, посочува таа,  што ги „израснале овие убави, одговорни и совесни млади луѓе, кои се пофалба и надеж за светлата иднина на нашето општество".

-Уште еднаш изразуваме огромна благодарност до нашите штедри донатори  Лакталис, Житолукс, Житополог, Кристал 1923, Витаминка, Куќа на Мијаците, Драни Премиум, Просветно дело, издавачка куќа Ѓурѓа и други добронамерни граѓани, кои овозможија голем дел од своите производи за летните школи за деца, вели сестра Ефимија.

Инаку, на почетокот на месецов, во овој скит,  беше одржан првиот летен камп по веронаука што го следеа триесеттина деца од разни делови на државава. бт/дма/ 


Фото: Бигорски манастир

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан