• недела, 17 ноември 2024

Дурмиши на конференција во Берлин: Координирана политичка акција може да го подобри економскиот пејзаж на Западен Балкан

Дурмиши на конференција во Берлин: Координирана политичка акција може да го подобри економскиот пејзаж на Западен Балкан

Скопје, 24 септември 2024 (МИА) - Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска учествувал на конференција на министри за економија во рамки на Берлинскиот процес, што се одржува во Берлин, Сојузна Република Германија.

Како што соопштија од Министерството за економија, министрите за економија од земјите од Западен Балкан, на бизнис формот дискутиралеа на тема „10 години Берлински процес- Западен Балкан како економска област на патот на ЕУ“.

Одбележувајќи ја десетгодишнината од постоењето на Берлинскиот процес, на конференцијата било истакнато дека регионот на Западен Балкан живее историски моментум во однос на неговата европска перспектива, а токму оваа иницијатива може да постигне синергија на индивидуалните напори на шесте земји од Западен Балкан како механизам за подготовка за пристапување кон ЕУ.

Во рамки на сесијата посветена на Заедничкот регионален пазар од аспект на 10 години од Берлинскиот процес, министерот Дурмиши истакнал дека има три критични прашања во економските односи меѓу Западен Балкан и Европската унија кои бараат политичко внимание, а тоа е развој на инфраструктурата, трговски бариери и економска интеграција и владеење на правото и корупцијата.

- Решавањето на овие прашања преку координирана политичка акција може значително да го подобри економскиот пејзаж на Западен Балкан и да го забрза нивниот процес на интеграција во ЕУ, истакнал министерот Дурмиши.

Тој говорел и за перспективите за економски раст на земјите од Западен Балкан и истакнал дека регионот има предиспозиции за поголем економски раст, но и многу предизвици.

- Регионот има младо население и изобилство природни ресурси, кои нудат можности во секторите како земјоделството, туризмот и обновливите извори на енергија. Напредокот кон членството во ЕУ може да ја подобри економската стабилност и да привлече инвестиции, бидејќи го усогласува регионот со пазарите и стандардите на ЕУ. За да привлечеме повеќе инвестиции, треба да го зајакнеме владеењето и владеењето на правото. Мора да ја подобриме инфраструктурата, мораме да го подобриме образованието и развојот на вештини, да промовираме стимулации специфични за секторот, нагласил Дурмиши, се наведува во соопштението.

На конференцијата во Берлин, присуствувале и министрите за економија на Албанија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина.

Берлинскиот процес беше воспоставен во 2014 година како платформа за соработка на високо ниво меѓу високи официјални претставници на шест земји од Западен Балкан и нивните колеги во земјите домаќини на Берлинскиот процес.

Процесот ги вклучува и институциите на ЕУ, меѓународните финансиски институции и граѓанското општество во регионот, Регионалната канцеларија за младинска соработка RYCO и бизнисите. цр/лв/

Фото: Министерство за економија
 

Остани поврзан