• среда, 25 декември 2024

Думани: СПАК стави под истрага голем број судии и обвинители за пасивна корупција

Думани:  СПАК стави под истрага голем број судии и обвинители за пасивна корупција

Тирана, 25 ноември 2024 (МИА) - Првиот човек на албанското Специјално обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, Алтин Думани, на настан организиран од албанскиот Хелсиншки комитет, рече дека голем број судии и обвинители се под кривична истрага за „пасивна корупција“.

-Денеска, додека зборуваме, СПАК стави под кривичен прогон судии од Уставниот и Врховниот суд, јавни обвинители. Имаме голем број субјекти и ќе продолжиме да го правиме секогаш кога ќе имаме индиции или податоци. Најголема грижа не се разрешените, туку оние кои се потврдени на функцијата и тоа е нашиот фокус, затоа што тие се во системот и можат да прават коруптивни дела, рече тој.

На крајот на декември, кога завршува мандатот на специјалната комисија за спроведување на ветингот, што почна во 2018 година, Думани, рече дека СПАК ќе ги преземе овластувањата за тоа, со што се прошируваат надлежностите на СПАК во следењето и истрагата на службениците во правосудството.

Тој додаде дека СПАК го применил и законот за антимафија на повеќе субјекти разрешени од функцијата, меѓу кои и судии и обвинители.

-Имавме случаи каде што го засиливме законот против мафијата за субјектите кои беа разрешени од функцијата, вклучувајќи судии и обвинители. Ги користевме материјалите во процесот на административна проверка како доказ за да ги најдеме доказите во кривичната истрага. Резултатите од административната истрага се добра основа за изнаоѓање докази за субјектите разрешени од ветингот, рече тој.

Според него, СПАК е отворен за соработка на одредени теми поврзани со корупцијата, со цел подобрување на работата на институцијата.

-Граѓанското општество е повикано да соработува со СПАК на одредени теми. Овие анализи служат на нашата институција за подобрување на перформансите. Отворени сме за вакви соработки, изјави Думани.

Специјалната комисија за проверка од 2018 година донела 802 решенија за лица од правосудството, судии и обвинители. Од вкупната бројка, околу 280 судии и обвинители биле разрешени. вт/сд/

Фото: Думани ФБ

Остани поврзан