ДУИ: Ја почитуваме одлуката на Стејт Департментот на САД
- ДУИ денеска соопшти дека ја почитува одлуката на американскиот Стејт департмент за воведување санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата на Северна Македонија Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција.
Скопје, 10 декември 2024 (МИА) - ДУИ денеска соопшти дека ја почитува одлуката на американскиот Стејт департмент за воведување санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата на Северна Македонија Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција.
-Демократската Унија за Интеграција ја почитува одлуката на Стејт Департментот на САД. Како партија, остануваме посветени на стратешката соработка со Соединетите Американски Држави и на зајакнување на демократските вредности и транспарентноста, стои во кусото соопштение на ДУИ.
Поранешниот вицепремиер Груби, кој е дел од раководството на ДУИ, синоќа, преку објава на социјалните мрежи изјави дека од медиумите дознал за одлуката на Стејт департментот, кој го стави на црната листа на САД.
- Како човек кој мојот јавен живот го посветив на заштита на западните демократски вредности и кој секогаш работев напорно за членството на земјата во НАТО и во Европската Унија, оваа одлука ме засега директно и лично. Ќе се ангажирам со сета своја посветеност и максимално, заедно со нашите пријатели и партнери, со кои ја споделувавме визијата и работевме низ годините за интеграција на земјата во евроатлантските структури, целосно да го обелиме ова прашање. Транспарентноста и посветеноста на демократските вредности и понатаму ќе бидат главен столб на секое мое дејствување, напиша Груби.
Амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер, по објавата дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети се новите две имиња на црната листа на Стејт департментот, во официјален статус напиша дека политичкото мешање во судството не може – и нема – да се толерира.
-Денешното назначување на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може – и нема – да се толерира. САД ќе продолжат да ги именуваат оние кои се вклучуваат во значителна корупција која ги поткопува демократските институции. Никој не е над законот, а одговорноста е суштинска за напредок, истакна амбасадорката Агелер.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека со ставањето на Груби на црната листа на САД, заедно со судијата Енвер Беџети, се докажало партизирањето на државата од страна на ДУИ.
- Енвер Беџети, судијата кој го држеше случајот за Мијалков во фиока, ја докажува партизираноста на судството. Судиите поддржани од Артан Груби и ДУИ, полека завршуваат на црната листа на САД, заедно со членови од ДУИ, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Одлуката на Стејт департментот за ставање на нови лица од државава на црната листа ја поздрави и опозициската СДСМ и изрази очекување дека сите сомнежи за корупција мора да бидат истражени и санкционирани без компромис од страна на правосудните органи во земјава.
И од Алијансата за Албанците ја поздравија последната одлука на САД. Зијадин Села, лидерот на едното од крилата на Алијансата за Албанците, кој е во коалиција со ДУИ, ја поздрави одлуката на Стејт департментот за ставање на Груби и Беџети на црната листа на САД, ги повика да се повлечат од институционалниот и политичкиот живот, и да се соочат со обвиненијата.
– Алијансата за Албанците во континуитет е еден од политичките актери кои јавно ги осудуваа врските на судството со политиката и олигархијата, затоа и денеска ја поздравуваме одлуката на САД, најважниот стратешки партнер на РСМ и албанскиот народ. Борбата против корупцијата означува важен чекор во градењето на владеењето на правото и нашата иднина. Ги повикуваме апострофираните да се повлечат од институционалниот и политичкиот живот и да се соочат со обвиненијата како слободни граѓани, наведува Села во објавата на Фејсбук.
Демократски сојуз исто така ја поздраво оваа одлука на Стејт департментот, посочувајќи дека сите што се на црната листа на САД поради криминал, треба да понесат политичка и кривична одговорност, како и нивните налогодавачи.
Стејт департментот на САД вчера соопшти дека воведува санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата на Северна Македонија Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција.
Според соопштението, Груби и Беџети примале мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Мијалков беше санкциониран во 2022 година за значителна корупција според Секцијата 7031(в) од Законот за надворешни операции и поврзани програми на Стејт департментот.
Покрај санкциите за Груби и Беџети, забрани за влез во САД се воведени и за членовите на нивните семејства.
Овие мерки се дел од глобалната иницијатива за борба против корупцијата и злоупотребите на човековите права, која се спроведува по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата и Денот на човековите права. вг/ац/
Фото: МИА