• среда, 18 декември 2024

ДУИ реагира на изјавата на премиерот за Уставниот суд

ДУИ реагира на изјавата на премиерот за Уставниот суд

Скопје, 17 декември 2024 (МИА) - Демократската унија за интеграција во реакција објавена на социјалните мрежи ја осуди вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека судијата од Уставен суд, кој дал изјава поврзана со албанската кауза, треба да си поднесе оставка. 

- ДУИ го осудува барањето на премиерот за оставка на судијата од Уставниот суд Осман Кадриу, поради неговиот отпор кон напорите на судот да ги спроведе партиските наредби. Наместо да реагира на скандалозното однесување на претседателот на судот, кој јавно призна дека намерно не го применува Законот за јазици бидејќи „не му се допаѓа", премиерот продолжи да врши притисок врз судот да ја спроведе иницијативата на партијата, се вели во реакцијата од ДУИ објавена на Фејсбук.

Од ДУИ бараат да се повлече иницијативата за оспорување на Законот за јазиците за што минатата недела на седница расправаше Уставниот суд и донесе одлука да се одржи подготвителна седница. 

Премиерот во вчерашното гостување на емисијата „Клик плус“ на телевизија 21, говорејќи за минатонеделната седница на Уставниот суд на која се расправаше за Законот за јазиците, не посочи за кој уставен судија мисли, само рече дека судија на Уставниот суд треба да си поднесе оставка бидејќи дал изјава поврзана со албанската кауза. 

Уставниот суд минатата недела расправаше по поднесените иницијативи за Законот за употреба на јазиците и донесе одлука да се одржи подготвителна сендица. На седницата на Уставниот суд не присуствуваа судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари. Непосредно пред гласањето на дневниот ред предложен за оваа седница, судијата Фатмир Скендер предложи точката со иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците да се одложи поради отсуството на двајцата судии. Предлогот не беше профатен со што судијата Скендер одлучи да не присуствува на расправата по првата точка. 

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски на прес-конференција по сендицата изјави дека одлуката за подготвителната седница не е слабост и дека по иницијативите ќе се расправа најдоцна во мај. Костадиновски нагласи дека судот е изложен на политички притисоци и манипулации, но дека ќе продолжи со постапувањето по предметот, барајќи мислења од странски експерти за да обезбеди независност и непристрасност. Тој ги отфрли обвинувањата за политичко влијание и етничко надгласување, истакнувајќи дека Уставниот суд е чувар на Уставот и правдата. бак/ац/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан