• вторник, 24 декември 2024

ДУИ: Оставката на Весна Дамева ја одразува алармантната состојба на заробената држава и урнисувањето на независноста на институциите

ДУИ: Оставката на Весна Дамева ја одразува алармантната состојба на заробената држава и урнисувањето на независноста на институциите

Скопје, 2 декември 2024

Оставката на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, претставува уште еден драматичен момент кој ја одразува алармантната состојба на заробената држава и урнисувањето на независноста на институциите. Личните напади, политичките притисоци и јавните манипулации што ги опиша госпоѓа Дамева се јасен одраз на нелегитимната и неодговорна власт, која не запира во обидите да го прошири своето влијание врз секој сегмент од државата.

Оваа влада не само што не успеа да обезбеди праведен и независен судски систем, туку ги користи сите средства за да ги уценува и дискредитира оние кои не се подготвени да се покорат пред политичките притисоци. Кога високи функционери на правосудството, задолжени за заштита на правото и правдата, јавно се уценуваат, пораката е јасна: во оваа држава, независноста на институциите стана непријател на власта.

Демократската унија за интеграција најостро ги осудува политичките напади врз госпоѓа Дамева и бруталните интервенции врз интегритетот на Судскиот совет. Ваквите напади не се само личен напад врз еден поединец, туку и обид за парализирање на целиот судски систем, со што се поткопуваат сите напори за реални реформи и независна правда.

Апелираме до меѓународните институции внимателно да ја следат оваа состојба и да реагираат на континуираното лизгање на Северна Македонија кон авторитаризам и целосна заробеност на државата. Јасно е дека граѓаните не можат да очекуваат правда од влада која ги напаѓа правосудните институции за политички добивки.

Ова е повик за рефлектирање и делување. Независноста на судството е столб на секоја демократија, а неговото заробување е чин што ја загрозува стабилноста и иднината на државата. Ние, како Демократска унија за интеграција, секогаш ќе застанеме во одбрана на независните институции и на правдата, бидејќи веруваме дека слободната и непристрасна правда е единствената гаранција за праведно и еднакво општество.

Демократска унија за интеграција

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан