• сабота, 28 декември 2024

ДУИ го обвинија министерот Лимани дека од политички причини не ги отвора завршените градинки во Липково и Арачиново

ДУИ го обвинија министерот Лимани дека од политички причини не ги отвора завршените градинки во Липково и Арачиново

Скопје, 25 ноември 2024 (МИА) - Претставници на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) денеска на прес-конференција го обвинија министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани дека од политички причини не ги отвора завршените градинки во општините Липково и Арачиново.

- Министерот без легитимитет, Фатмир Лимани, со месеци од ниски политички причини, го држи во заложништво отворањето на првата детска градинка на ниво на општина Арачиново „Фатосат“ и почетокот на работата на предучилишната установа „Валбона“ во село Матејче на Општина Липково. Замислете, градинките во овие две општини Арачиново и Липково се подготвени да примат деца од предучилишна возраст во своите простории, завршени се сите технички и административни процедури, единственото нешто што го спречува отворањето на вратите  на овие објекти посветени на најмалите е неподготвеноста на овој човек да ги процесира согласностите за вработување на потребниот кадар, кои се веќе дадени од Министерството за финансии од пред неколку недели, истакна на денешната прес-конференција градоначалникот на општина Арачиново, Ридван Ибрахими, кој беше во придружба на градоначалникот на Општина Липково Еркан Арифи.

Според Ибрахими, „и покрај тоа што општинската администрација неколку пати ги коригирала табелите што ги враќало Министерството во најкус можен рок според барањето и за истата постапка веќе е дадена согласност од Министерството за финансии Лимани без никакво образложение или оправдување одлучил да ги блокира согласностите во неговите фиоки, не пуштајќи ги во процедура, а воедно со тоа ги блокира и вработувањата кои се неопходни за функционирање на предучилишните установи“.

Ибрахими потенцира дека Лимани постапувал „врз основа на гнев и политички фрустрации во овие случаи“, бидејќи, како што рече, претходно имало идентични постапки за градинките во општините Чаири и Тетово, за кои, според, него, веќе се издадени согласности од негова страна.

-Нема разлика во фактичката ситуација, ниту една. Нелегитимниот министер Фатмир Лимани ја сноси целосната одговорност што денеска по негова вина повеќе од 230 деца чекаат да бидат сместени во градинките. Јавно прашуваме дали единствениот мотив на овој човек е казнувањето на населението од овие две општини затоа што не му дале легитимитет да одлучува во нивно име? Апелираме до овој човек, не си играј со судбината на децата од овие две општини и не ги казнувај нивните родители преку нив, рече Ибрахими.фф/лв/

Фото: ДУИ

Остани поврзан