Дуда: Праведен мир ќе биде оној во кој Русија повеќе нема да може да напаѓа никого
- Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска во Варшава на седница на Советот за национална безбедност изјави дека Полска инсистира војната во Украина да заврши со траен и праведен мир, а тоа е мир кога Русија повеќе нема да напаѓа никого.

Варшава, 24 февруари 2025 (МИА) - Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска во Варшава на седница на Советот за национална безбедност изјави дека Полска инсистира војната во Украина да заврши со траен и праведен мир, а тоа е мир кога Русија повеќе нема да напаѓа никого.
-Позицијата на Полска е непроменета, оваа војна мора да заврши со праведен мир. Таков, во иднина да не доведе до друг, можеби уште поголем конфликт. Овој мир мора да биде таков што Русија повеќе нема да напаѓа никого во иднина, рече полскиот претседател во воведниот говор на седницата, која продолжи зад затворени врати.
Полскиот претседател по кратката седумминутна средба со американскиот претседател Доналд Трамп за време на викендот, и претходните средби со американскиот секретар за одбрана и претставникот на Трамп за Украина во Варшава, изјави дека нема индикации дека новата американска администрација може да го намали своето воено присуство во Полска.
-Од овие разговори произлегува дека Полска е важен сојузник на картата на американските стратешки интереси. Нема прашање за намалување на американското воено присуство на кој било начин, рече Дуда. „До крајот на 2025 година нашата армија ќе има 230.000 војници, од кои 150.000 се професионални. Оружјето го купуваме не за да нападнеме никого, туку за никој да не помисли да ја нападне Полска“, додаде Дуда.
Полскиот претседател потсети на својата иницијатива од пред една година дека идните членки на НАТО годишно издвојуваат три отсто од својот БДП за одбраната.
Полскиот претседател нагласи дека во Советот за национална безбедност ги поканил и владините претставници на чело со премиерот Доналд Туск и претставниците на опозицијата, бидејќи според него безбедноста како клучна тема за Полјаците мора целосно да биде исклучена од актуелните политички спорови.
-Денеска нема поважна тема во политиката од безбедноста, изјави Дуда. мс/
фото: МИА архива